Житие на Свети Нектариј Битолски – заштитник на Битола, Никола.Пострадал од човечка завист!

Share Button
ПРЕПОДОБЕН НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ

За македонскиот светец од XV век, преподобниот Нектариј Битолски, македонската јавност многу малку знае. Неговиот светителски култ не е во доволна мера раширен во Македонија, ниту, пак, во неговиот роден град Битола. Можеби тоа доаѓа оттаму што преподобниот Нектариј уште како дете заминал од Битола и своето светителско достоинство го добил далеку од своето родно место, во Света Гора.

Свети Нектариј Битолски е светец што и припаѓа на групата преподобни маченици, а тоа се монаси-подвижници, кои што своите животи ги завршиле маченички. Нашиот битолски светител Нектариј, со световното име Никола настрадал од човечка завист, од демонски напади и од тешка телесна болест, но сето тоа достоинствено го поднел и победил и се издигнал во светител – преподобен маченик.

sv.Nektarij-bitolski

Според житието, преподобниот Нектариј е роден во Битола. Точната дата на неговото раѓање не се знае. Но, бидејќи умрел како старец во 1500 година, може да се претпостави дека е роден некаде во 20 – тите години на XV век, т.е. околу 1420-1430 година. Родителите на Нектариј биле побожни и праведни луѓе. На крштевањето на својот син му го дале името Никола, а подоцна, при замонашувањето, го добил името Нектариј.

Уште кога Никола бил дете се случил еден настан што во доволна мера влијаел при определувањето на неговиот животен пат. Тоа е кога Турците се приближувале кон градот Битола за да го завладеат. Мајка му на Никола, работејќи на гумното заспала на кратко време и видела чуден сон. Во сонот ѝ се јавила Пресвета Богородица и ѝ кажала дека наскоро ќе дојдат Турците и ќе завладеат со Битола и целата област и ќе направат големи зулуми, народот многу ќе настрада, затоа, ѝ рекла Богородица, веднаш да побегне заедно со децата и мажот и негде подалеку да се кријат. Штом го кажала сонот на својот маж, веднаш целото семејство го напуштило своето место Битола и се скрило на погодно место. Навистина, Турците дошле, ја зазеле и опустошиле Битола и целата област и многу зло нанесле на христијанскиот народ. Откако турската наезда поминала и донекаде се смирила положбата, родителите на Никола заедно со своите деца излегле од скривалиштето живи и здрави, благодарни на Бога и Пресвета Богородица за нивното спасување, а многу тажни поради страдањата и поробувањата на своите христијански браќа и сестри и својата татковина.

Понатаму, во Житието се вели дека татко му на Никола, бидејќи веќе бил стар, се договорил со својата жена, да го напушти световниот живот и да отиде во манастир поради богоугодност. Тој заминал заедно со Никола и се населил во манастирот „Свети бесребреници Козма и Дамјан“, што се наоѓа во околината на Битола. Во овој манастир се замонашил и го добил името Пахомиј, достоинствено подвижувајќи се за спасение на својата душа. И овде Никола доживеал едно чудо, сега од страна на татко му. Поточно, еве што се случило. Било обичај, како што е и сега на патрониот празник на манастирот посветен на светите бесребреници Козма и Дамјан, христијаните од околните места да носат на манастирот разни подароци и заедно со монасите да го прослават тој ден. Една година, кога се славел тој ден, селаните донеле, покрај другото, и едно буре со вино. Но, бидејќи за ручек имало многу гости, виното брзо се испило и не им стигнало. Монахот Пахомиј заедно со својот син Никола отишле во подрумот за да го измијат бурето од виното. Но, наместо тоа, се случило чудо, бурето повторно се наполнило со вино и сите заеднички го испиле ова вино што имало чудно пријатна арома и убав вкус.

Откако Никола пораснал, му се јавила силна желба за повозвишен богоугоден живот. Затоа заминал за Света Гора, најголемиот христијански центар на Балканот. Тука, тој го нашол искусниот испосник и подвижник, старецот вокарејската ќелија Јагариј, по име Дионисиј, кој што бил роден во Цариград. Дионисиј, напуштајќи го световниот живот во Цариград, дошол во Света Гора каде што долго време бил како послушник кај искусниот старец Филотеј, наречен Јагариј според карејската ќелија Јагариј.

Старецот Дионисиј го примил кај себе благородниот и неискусен Никола и го привел за благослов кај својот духовен татко, старецот Филотеј, кој што имал Божји дар на видовитост. Штом младиот Никола дошол пред него, видовитиот старец го повикал по име и му рекол:

– Ти си чедо Никола, син на монахот Пахомиј. Ти сакаш да останеш овде и да живееш со нас.

Слушајќи го ова Никола многу се изненадил, па запрашал:

– Откаде, чесни оче, ме знаеш мене и сè за мене?

Старецот на тоа му рекол:

– Бог Отец, чедо, Кој што те испрати кај нас, Он ми откри сè за тебе.

Воодушевен поради сето тоа што се случило, Никола останал кај овие благородни старци и со уште поголема љубов и приврзаност кон Бога и своите учители, подвижниците Дионисиј и Филотеј.

Подвизувајќи се со нив, наскоро од нив бил замонашен и го добил името Нектариј и целосно се потчинил на старецот Филотеј, како духовен татко и водач кон Божјите достоинства.

Откако се замонашил, преподобниот Нектариј се оддал на поголема богоугодност и почнал духовно многу брзо да напредува и да ги совладува Божјите височини. Но, лукавиот завидливец, црниот ѓавол не можел да го поднесе духовното напредување и доближување на Божјите благодети на преподобниот Нектариј и почнал да го напаѓа на разни начини, внесувајќи во неговата душа омраза и одбојност кон старците Филотеј и Дионисиј, сè со цел да ги напушти искусните старци од кои црпел духовна сила и моќ во неговото подвижување и богоугодување.

Но, ѓаволот во тоа ништо не успеал, бидејќи блажениот Нектариј останал цврст и непоколеблив кон своите духовни водачи, старците Филотеј и Дионисиј. Откако ѓаволот не успеал да направи збрка во душата на преподобниот Нектариј, тогаш решил својата злоба да ја излие на друг начин, внесувајќи зваист во душата на некој друг  подвижник, за на тој начин да му напакости на блажениот Нектариј. Зависта кај тој подвижник била толку силна, што барал од старците да го протераат оттаму преподобниот Нектариј или во спротивно, дека ќе го убие.

– Не сакам да го видам тој брат Нектариј, тој е смрдлив и никаков, тој никого не сака, самиот себе се сака, и вас не ве сака, иако во сè му помагате, им велел младиот подвижник на старците.

– Синко мили, немој да го хулиш твојот духовен брат Нектариј, тој не е лош, тој сите ги сака, па и тебе те сака, а најмногу нашиот Бог, Господ Исус Христос. Деноноќно тој виси пред иконата на нашиот Бог и светите Отци, се моли за спасение на сите и многу брзо ги совладува Бојите тајни. А ти самиот знаеш добро дека во светото Евангелие пишува да се сака ближниот свој, му велеле старците изнесувајќи разни примери од светото Евангелие.

– Не е тој добар како што мислите вие, тој постојано на сите ви мисли лошо, дури и кога се моли пред Бога, тој не го моли за наше спасение, како што велите вие, туку за наша несреќа и неспокој.

– Немој да си ја грешиш душата синко, Нектариј е наше духовно и чисто чедо. Тој на никого лошо не му мисли, тој само се труди да се доближи до Божјата чистота и совршенство, го смирувале старците младиот подвижник во чија што душа влегол духот на злобата.

– Не е тој чист, тој е напаст Божја, тој треба веднаш да се истера оттука, зашто шири раскол и смрдеа во нашата ќелија. Или истерајте го тој развратник оттука, или ви кажувам дека ќе го убијам, не можам да го гледам тука повеќе, се заканил со убиство младиот подвижник, во кој што беше влегол ѓаволот.

Старците виделе дека во душата на тој несреќник беше влегол духот на злобата и зваиста и дека не помагаат нивните совети и го посоветувале преподобниот Нектариј да се оддели за извесно време од нив, додека не си дојде при себе завидливиот брат, што беше преполн со гнев и злоба. Нектариј на овој совет им рекол:

– Отци мои, учители во Божјото дело, потполно ја разбирам вашата заграженост за мене. Со тешка мака во срцето и душата ќе се одделам од вас, но таква е волјата Божја, а ние се покоруваме на неа и мора да одиме по најтрнливите патеки за да дојдеме до Божјото совршенство. Ќе се оддалечам од вас, но само физички, а духовно ќе бидеме пак заедно.

Со тешка мака во душата се одделил преподобниот Нектариј од своите духовни водачи Филотеј и Дионисиј.

Откако се одделил, се прибрал кај светогорскиот прота Данило во Кареја, којшто со голема љубов и достоинство го примил кај себе за свој послушник.

По извесно време умрел старецот Филотеј во длабока старост, а Дионисиј останал сам. Не можејќи да го поднесува повеќе оној несреќен гневен завидливец, поради кој си заминал преподобниот Нектариј, и самиот Дионисиј се оддалечил од него и отишол да го бара блжениот Нектариј. Откако го нашол кај прота Данило во Кареја, го молел протата да им даде некое место, каде што заедно со Нектариј ќе се подвизуваат.

Прота Данило на голема молба од старецот Дионисиј им го доделил малото манастирче „Свети Архангели“, наречен Кофа, таму се населиле и заедно живееле и се подвизувале во деноноќна молитва и пост. Во своето манастирче, во испосништво, мир и тишина, со својот труд, изработувајќи разни рачни ракотворби, си ја обезбедувале својата скромна егзистенција, па дури и им помагале на другите монаси околу нив во обезбедувањето на основните средства за живот. А оној, завидливиот несреќник, во кој што беше влегол ѓаволот – духот на злобата, талкал ваму-таму по Света Гора, додека на крајот не го напуштил тоа свето место и отишол во белиот свет, каде што се упропастил и својата душа ја изгубил, како и секој друг што ќе тргне по патот на ѓаволот – вечниот непријател на доброто, убавото и достоинственото кај луѓето.

По извесно време, умрел и блажениот старец Дионисиј. Чесно и достоинствено го погребал својот учител и придружник во испосништвото, преподобниот Нектариј Битолски. Откако умрел Дионисиј, Нектариј останал сам, со длабока болка во душата за својот сакан учител. Тој ги удвоил своите подвизи кон вечноста во молитви, пост и труд. Гледајќи ги таквите негови подвизи, а сакајќи да му го наголеми венецот на наградата, Бог допуштил преподобниот Нектариј да падне во многу тешки телесни болести. Страдајќи во тешките телесни болести и несреќи, преподобниот ги поднесувал сите болки со голема трпеливост и благодарност кон Бога, така што со тоа се здобил со уште еден венец на достоинство кај Бога.

Најпосле, победувајќи ја човечката завист, демонските напади и телесните болки, очистен преку своите подвизи и болести, преподобниот Нектариј тивко и достоинствено се преселил во вечното царство Христово на 5 декември 1500 година.

Пет години по неговата смрт, неговите ученици и следбеници го отвориле неговиот гроб, за да му ги пренесат моштите и забележале дека тие не биле распаднати и од нив се ширела пријатна миризба во воздухот. Моштите му ги положиле во ковчег, на кој што бил направен релјеф на неговиот лик. Ковчегот со неговите моште и денес се чува во Света Гора, во ќелијата каде што се подвизувал.

Напишете коментар