Денеска е Преподобен Наум Охридски – Чудотворец.За многу години!!!

 Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Манастирот Свети Наум

Овој манастир е подигнат од св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир Свети Наум Охридски иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на Св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов. Во црквата се наоѓа и гробот на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Напишете коментар