Репортажа: Прекрасниот Лешочки манастир

Селото Лешок се наоѓа на 8 километри од Тетово, на југоисточната страна на Шар Планина. Атарот на селото Лешок се карактеризира со прекрасна околина, чист планински воздух и прекрасен поглед. Добрата клима го прави едно од најубавите и најздравите места во Република Македонија.

lesok

До селото се стасува по кривулеста асфалтна лента што се двои од магистралниот пат Тетово-Јажинце. Патот до манастирот води нагоре кон Шара, низ коридор од нови и реновирани куќи во оваа најстара населба во Полог. Со оглед на чистиот воздух и прекрасната околина јасно е зошто токму овде пред повеќе од илјада години се населиле првите жители.

Познатиот Лешочки Манастир се наоѓа во таканаречениот Горен Лешок на 610 метри надморска височина. Во неговиот комплекс се наоѓаат двете цркви Св. Атанасие и Св.Богородица.

Според старите записи, во Лешок и во околината имало 77 цркви и манастири. Сега, вниманието на посетителите најмногу го привлекува храмот „Пресвета Богородица“, изграден во 1326 година. Освен изгледот и историската вредност на храмот, тука особено внимание привлекува фреската „Страшниот суд“ и обликуваниот симбол со тули „Сонцето од Кутлеш“ кој се наоѓа над влезната врата. Вниманието на посетителите го привлекува и старата градба на „Св. Атанасие“ лоцирана над селото, како и новата манастирска црква изградена во манастирскиот комплекс во дваесеттите години на минатиот век, која беше минирана и разрушена за време на воениот конфликт во 2001 година, а сега обновена и доведена во првобитната положба. Од многуте цркви и манастири, жителите на Лешок денес ги посочуваат Св. Петка, Св.Никола, Св.Илија, Св. Марена и други. За некои се уште има траги од минатото.

lesok1

Враќање на животот

Лешок е село со околу 180 семејства и со 460 жители-Македонци од кои најголемиот број го напуштија за време на конфликтот во 2001 година кога населбата беше опожарена и разрушена заедно со манастирот. Тогаш беше разурната манастирската црква посветена на Св.Атанасие, а беше разурнат и гробот на првиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Откако конфликтот финишираше со потпишувањето на Охридскиот мировен договор, Агенцијата за реконструкција при Европската унија финансиски ја поддржа обновата на овој православен, духовен и културен центар. Црквата Св.Атанасие го доби својот првобитен, автентичен изглед, а со обновата на куќите и на црквите, животот во Лешок целосно се врати.

Во конаците, автентични од времето на игуменот Егзекил, има место за посетителите што тука сакаат да поминат викенд или што за одмор претпочитаат манастирски туризам. На располагање на посетителите се 36 трокреветни и повеќекреветни соби, со услови за готвење и со можност за исхрана во манастирскиот ресторан спроти конаците.

Во рамките на манастирскиот комплекс се наоѓа и гробот на Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, еден од најпознатите учители на 19 век. Со неговото доаѓање од Атос во 1818 година биле обновени манастирските одаи, односно конаците. Тогаш ја направил и манастирската библиотека при што Лешок станал литературен и научен центар. Тука било формирано првото црковно-просветно училиште низ кое поминале стотици ученици и монаси, идни македонски учители кои го отргнуваат од заборавот македонскиот народен дијалектен говор и јазик. Со време, зајакнувајќи духовно и материјално, манастирот, особено на преминот кон 20 век, станува еден од највлијателните во Македонија.

bogorodica

Црквата Света Богородица

Точното време на ѕидањето на црквата Св.Богородица не е познато. Најстарите податоци за неа се од првата половина на 14 век, односно од 1326 година. Се смета дека нејзиното настанување е од пред 14 век.

Во неа се забележуваат три добро зачувани слоја на живопис кои потекнуваат од различни временски периоди. Најстариот слој е од времето на подигање на црквата, некаде од 14 век, вториот е од 17., а третиот од 19 век. Последниот нејзин живописец е галичкиот зограф Михаил Урчинов, автор на поголем број икони од иконостасот на црквата.

lesok2

Кирил Пејчиновиќ- Тетоец

Во Лешочкиот манастир како реликвија се чува се што е поврзано со името на Кирил Пејчиновиќ, еден од првите просветители, писатели и преведувачи од првата половина на 19 век кој успеал да го обнови Лешочкиот Манастир Св. Атанасие во 1818 година. Имено, по добиената дозвола од тетовскиот паша Абдурахман, Пејчиновиќ го мотивирал населението од Лешок и околните места доброволно да работат за да го обноват разурнатиот манастир.

Реализацијата на неговата идеја целосно ќе го пренасочи животниот тек на населението од Лешок и Полошкиот Регион. Во 1820 година, Кирил Пејчиновиќ отвора училиште во кое се школувале идните попови и учители од северозападна Македонија. Најмногу завршени ученици биле од Лешок. Тука завршил и поп Силвестер од Варвара кој потоа ја продолжил учителската школа на Кирил Пејчиновиќ.

Училишниот живот во Лешок, зачнат од Кирил Пејчиновиќ, успешно продолжил до почетокот на 20 век, а потоа училиштето се претворило во световно кое работело во рамките на манастирот. Од 1929 година училиштето работело во новата зграда каде училишниот детски жагор се слуша и денес.

Легенди и преданија

Кога станува збор за Лешочкиот манастир, неизбежна е и легендата за настанот кој се пренесува од поколение на поколение меѓу жителите на Лешок. Оваа легенда е врзана и за најпознатата песна посветена на Лешочкиот манастир – Го сардисале Лешочкиот манастир, Бог да бие Арнаути слатинчани.

Приказната вели дека ноќта спроти 28 август, односно, христијанскиот празник Голема Богородица, комити убиле двајца арнаути од соседното село Слатино. Од некои сведоци Турците со мачење изнудиле признание дека комитите се скриле во темнината на манастирските ѕидини и налутени поради тоа што монасите им дале засолниште, собрале дури 7 илјади души војска од сите полошки села и го сардисале манастирот. Во моментот таму имало 3 илјади верници од Полог што ја чествувале мајката божја исто како што тоа се прави и денеска. Опсадата траела пет дена. Сите што сакале да влезат внатре биле пуштани, но никој не можел да излезе оттаму. Според преданието, опсадата траела пет дена и тие за да се прехранат, потрошиле 82 товари жито, 100 оки ориз, 14 волови и два биволи биле заклани, 48 овци и кози, 150 оки сирење било изедено, 6 товари зеленчук… Бидејќи немале вода за пиење, луѓето заточени зад манастирските ѕидини пиеле вино и ракија. Се раскажува дека биле потрошени 8 илјади оки вино и 3.500 оки ракија. Шестото утро се појавиле претставници на тогашната власт, го пребарале манастирот, но комити не нашле.

lesok3

Куриозитет

Во Лешочкиот манастирски комплекс, Кирил Пејчиновиќ бил погребуван дури четири пати. Еднаш во дворот на манастирот североисточно од старата црква Св.Богородица, вторпат во манастирските гробишта, иако не се знае точно кога, третпат по повод 200-годишнината од неговото раѓање кога бил пренесен и погребан на источната страна од новата црква Св.Атанасие и на крај, четврти пат, во 2004 година, откако беше осквернавен неговиот гроб во 2001-та.

Многу луѓе доаѓаат на гробот на Кирил Пејчиновиќ во Лешок за да се поклонат и да го прочитаат ЕПИТАФОТ кој се наоѓа на неговата надгробна плоча. Тоа е најпознатото и најзначајното дело на Пејчиновиќ кое е напишано во манастирот во Лешок, а до денес е препознатлив знак на сите генерации ширум Македонија.

Извор – Денешен

Напишете коментар