Дали парите можат да купат љубов?

Љубовта победува се, но парите ја победуваат и љубовта – говореле старите Латини. Дали биле во право?

Вистина е дека полниот новчаник и празното срце се стари „соработници“. Кога парите ќе заиграат пред очите, факторот љубов може и да изостане. Меѓутоа, дали е тоа формулата за среќна љубов? Колку таа денеска воопшто е важна?! Дали, станувајќи ловци на финансиска благосостојба, заборавивме што значи да се сака? Зошто Италијанците велат: „Кога убава жена се смее, новчаникот плаче?

Дали светската економска криза го измени лицето на љубовта и наместо потребата за сродна душа, се сведе на потрага по богат сопатник.

Материјалистичкиот пристап на љубовта не е од вчера, ниту пак одеднаш стана влезница за задоволство. Потрошувачкото општество го наметна образецот дека се може да се купи, па дури и љубовта. Финансиските проблеми, кои неретко се изедначуваат со борбата за гола егзистенција, се повеќе се поакутни. Додека, од една страна, потребата за скапи „крпчиња“, уживање на јахти и скапи одмори стана се поизразена, од друга страна се поголем број луѓе остануваат без работа, тешко ги отплатуваат кредитите, сметките, немаат пари за летување…

Во ваквиот дисбаланс профитираат оние кои имаат и оние кои умеат. Девојките сфаќаат дека во друштво на богат маж кризата и не морат да ја почувствуваат. Зошто да крпат крај со крај, да животараат на сметка на своите осиромашени родители или да се мачат работејќи за мали пари, кога можат добро да се „омажат“! Се што треба да направат е да заведат некој со дебел новчаник, кој животот ќе им го направи полесен, И, секако, навидум поубав. Најпосакувани мажи стандардно се: бизнисмени, политичари, прволигашки спортисти…

Со појавата на спонзорушите, се одомаќини и изразот „жени пирани“. Доколку не знаете, тоа се оние дами кои намерно, многу свесно, остануваат бремени со богат маж, па тој нема многу избор освен да оди до златара и да купи бурма. Љубовта, изгледа, уште во старт е исклучена од оваа приказна, но добро се води сметка за иднината на своето неродено бебе.

Дали љубовта ја изгуби битката со парите?

Според резултатите на истражувањето кое кон крајот на минатата година е спроведено во Велика Британија, дури 70 отсто од испитаниците на листата на животни приоритети дале предност на парите во однос на љубовта. Од 2.000 жени и мажи, повеќе од половина признале дека им е најважно да обезбедат финансиска сигурност, па дури потоа среќа во бракот и семејството.

Податоците до кои дошла фирмата „Минтел“ велат дека – колку поголем приход имате, поголеми се шансите да се заљубите. И тоа повеќе од еднаш. Лицата кои заработуваат повеќе имаат поголеми шанси да се заљубат четири до пет пати повеќе во животот, додека оние кои заработуваат помалку поретко се заљубуваат, па така и потешко пронаоѓаат партнер.

И многу други истражувања покажуваат дека сиромашните почесто остануваат без брачен другар, за разлика од сопствениците на луксузни автомобили, вили и „златни“ картички.

На топ-скалата од причините за брачни караници суверено место заземаат парите. Интернет податоците покажуваат дека 38 отсто од паровите недостатокот на пари го гледаат како основна причина за чести проблеми во комуникацијата. Конфликтите поради пари се продлабочуваат кога брачните другари имаат деца, па почнуваат еден на друг да се обвинуваат дека не се способни да обезбедат иднина на своите наследници.

За ваквите расправии да се „превенираат“, многу родители отворено им советуваат на децата добро да ги отворат очите кога избираат партнер, бидејќи од љубов не се живее.

Факт е дека не смееме да генерализираме, но и вистина е дека парите во некои случаи се второ име за љубов, односно за стока. Бидејќи, имаме некој кој купува и некој кој продава. Колку се јасни правилата на овие трансакции? Веројатно во стилот – „чиста сметка, долга љубов“. Некој, секако, има среќа, па со вистинската љубов добива и имотен партнер. Но, овие две работи ретко одат заедно.

Можат ли парите да бидат замена за пеперутките во стомакот?! Дали луксузниот живот е компензација и за недостаток на топла прегратка? Навистина парите ги говорат сите јазици на овој свет, но размислете зошто занемуваат кога, лице во лице, ќе се сретнат со срцето.

Напишете коментар