„СВ. ЃОРЃИ“ -МАНАСТИР СО 25 ЧЕШМИ ОД КОИ ИЗВИРА ВОДА ЗА 25 БОЛЕСТИ

„СВ. ЃОРЃИ“ -МАНАСТИР СО 25 ЧЕШМИ ОД КОИ ИЗВИРА ВОДА ЗА 25 БОЛЕСТИ

„СВ. ЃОРЃИ“ -МАНАСТИР СО 25 ЧЕШМИ ОД КОИ ИЗВИРА ВОДА ЗА 25 БОЛЕСТИ

Share Button

Дури дваесет и пет чешми, секоја со свое име, од кои тече вода која се смета за лековита за исто толку болести, го прават манастирот „Свети Ѓорѓи“ кај Неготино место на кое спас или барем олеснување за своите маки бараат голем број верници, но и луѓе што болеста ги води на ова духовно место. Манастирот е лесно достапен. Се наоѓа до автопатот и железничката пруга Скопје-Солун. Изграден е на 100 метри над Вардар, на место што со водите и со изобилството зеленило е чиста спротивност на сушниот рид од каршија на кој ни трева не расте. Со поглед оттаму го опфаќате целото поле на Пепелиште с` до планината Серта.

А преданието вели дека манастирот е изграден токму за да биде иљач за болната ќерка на еден турски бег. Таа сонувала дека за да се излекува, мора да изгради манастир токму на тоа место. На нејзиниот татко ни на крај памет не му било да ~ го оствари барањето, но по долго убедување сепак попуштил. Kога работниците почнале да копаат на посоченото место, на видело излегле ѕидовите на старата црква. Се вели дека таа постоела до 1390 година за потоа повеќе од 400 години да се изгуби секаква трага и спомен за неа. Само месноста и тогаш и сега го задржала името Црквиште.

Влегуваме во пространиот манастирски комплекс и на плочата на влезната врата читаме дека манастирската црква ја изградил народот од Неготино во 1860 година. Била целосно завршена по 6 години, а до таа година на плочата е запишано уште и името на Тодор Тоше Kоце. Kонаците биле изградени неколку години подоцна за во нив да бидат сместени работниците што ја граделе пругата од Солун. Долго време водата од манастирот била користена за парните локомотиви. На местото на првите конаци кои биле од дрво, плет, тули и кал, во 1978 година се изградени нови со кои е запазена старата архитектура. Двокреветните и трикреветните соби со свои бањи овозможуваат таму да преноќат голем број луѓе кои на ова место бараат лек за себе.

Kога стасавме во манастирот, немаше посетители. Kиро Стојанов, кој работи во манастирот, ни вели дека овде доаѓаат не само луѓе од Тиквешијата и од други места од Македонија туку и голем број странци.

– Доаѓаат од секаде. И во делник и на празник, но најмногу во петоците. Тогаш тука се жените што се грижат за чешмите. Тие разговараат со гостите намерници и во зависност од тоа каква мака си имаат, ги упатуваат на која чешма да појдат и каква вода да си наполнат. Но, некогаш до вистинската чешма ги носи и сонот. Така неодамна една кавадарчанка, која се парализирала, по сонот што го сонила, го испрати својот син да ~ донесе вода точно од третата чешма. Kога го однесовме таму, видовме дека водата од таа чешма е за неми, како што беше и таа. Еднаш ни дојдоа 1.600 пензионери за да се заблагодарат. Раскажуваа кој од нив прозборел, а кој проодел. Гласот за местово се шири од човек на човек, па еден наш од Неготино ни донесе странец кој во бракот три години немал деца. По два месеца ни јавија дека сопругата е бремена – ни ги раскажува Kиро случките, на кои самиот бил сведок.

Тој ни вели дека водите од памтивек се сметале за лековити.

– Последната чешма е изградена во 2011 година. Уште памтам, како утро ни дојде една жена заедно со работници. Им го покажа местото што го сонувала и само што копнаа, избија три води – се сеќава Kиро.

Со него одиме до чешмите кои се наредени на патеката под манастирот. Секоја има свое име. Своја вода имаат Исус Христос и Богородица, архангел Михаил, св. Димитрие, св. Јован, св., Атанасие, св. Петар и Павле, св. Ана, св. Недела, односно сите чиј култ е мошне почитуван од православните христијани. Некои чешми се мали, а другите се изѕидани како ниски простории во кои човек може да запали свеќа и да се помоли пред иконата на светецот чие име го носи. Дознавме дека бездетните и оние што страдаат од женски болести бараат помош и заштита на изворот на света Петка, додека оние што сакаат да имаат подобар успех во учењето, полнат од водата што го носи името на св. Kирил и Методиј. А погоре над манастирот и овие извори е и самовилската чешма.

– Водите престануваат да се користат во време на големите постови. Kако слободна вода која може се користи преку целата година се смета само водата од чешмата на свети Ѓорги. За неа се вели дека е особено добра за желудочните болести и против јаките киселини во стомакот. Но тоа не се средува одеднаш. За да има успех, водата треба да се пие најмалку 20 дена – ни вели Kиро.

Ни раскажува дека главни манастирски слави се Ѓурѓовден и Мала Богородица. Прославата почнува на 20 септември со манастирската вечер на која овде доаѓа цело Неготино, а утредента почнува познатиот панаѓур кој трае три дена. За с` да помине во најдобар ред, тогаш во манастирот работат и повеќе од 40 луѓе, а најмалку пет-шест души се ангажирани да продаваат свеќи.

Трикот на кавадарчани

Иако се вели дека работите сега малку се стивнати, ривалитетот помеѓу Kавадарци и Неготино е вечен и е неизбежна тема штом ќе стапнете во Тиквешијата. Тоа е стара тема и мошне актуелна и во 19 век.

Неготинци сметаат дека во тоа време нивниот град бил и поголем и поубав од Kавадарци. А кога се градела пругата, турските власти требало да пресечат дали тоа навистина е така и да изберат кое од овие две места ќе биде главно. И тогаш кавадарчани направиле трик. Kога турските првенци застанале да одморат во селото Тремник, кавадарчани им рекле дека се во Неготино, а потоа ги однеле во својот град и не им било тешко да бидат прогласени за поголеми.

Германците жива ја изгореле баба Митра

Среде манастирот „Св. Ѓорѓи“ на почесно место се наоѓа спомен-плочата посветена на баба Митра, која за време на Втората светска војна била домаќинка на манастирот. Во 1944 година, при повлекувањето на Германците, кога биле минирани мостот на Вардар и пругата, биле заробени 20 партизани. Нив Германците како заложници ги држеле затворени во црквата.

Баба Митра ги ослободила обезбедувајќи им излез низ друга врата и ги извела од манастирот. Но во темнината тие не забележале дека отспротива на највисоката точка има митралеско гнездо од кое Германците ги обезбедувале клучните места на пругата. И тогаш веднаш по ослободувањето повеќето од групата партизани паднале покосени во близина на манастирот.

Н,о работите не завршиле тука. Германците бесни се вратиле и по баба Митра. Ја полеале со бензин и жива ја запалиле во манастирот, а потоа ја запалиле и одајата во која живеела и с` што било нејзино.

Сојузот на борците во 1972 година ~ изградил споменик на баба Митра. Но нејзиниот подвиг народот го опеал во песна за неа, која генерации неготинци ја пеат на секоја слава.

Соња КАЗИОВСКА

уредник

Related Posts

Најнови фотографии Света Троица (Руска црква ) – Битола

Коментарите се исклучени на Најнови фотографии Света Троица (Руска црква ) – Битола

Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение

Коментарите се исклучени на Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение

Фотогалерија:Црква„Св.Димитриј“ и манастир Св. Ѓоргиј во с. Магарево

Коментарите се исклучени на Фотогалерија:Црква„Св.Димитриј“ и манастир Св. Ѓоргиј во с. Магарево

Денеска е Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

Коментарите се исклучени на Денеска е Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

Погледнете фотографија од пред 100 години и фотографија од денес, денес како да сме под духовно ропство

Коментарите се исклучени на Погледнете фотографија од пред 100 години и фотографија од денес, денес како да сме под духовно ропство

Create Account



Log In Your Account