СЕКОЈ ПЕТТИ ЧОВЕК ВО МАКЕДОНИЈА Е СИРОМАШЕН

Намалувањето на сиромаштијата во Макединија е долг процес кој не може да се реши само со парична социјална помош, потребни се мерки кои ќе значат непречен пристап до здравствените и образовните институции но и до финансиски средства, смета министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Таа обелодени дека ресорното министерство и Светска Банка подготвуваат законско решение, кое ќе претставува – како што вели устав за социјална заштита, и ќе помогне за намалување на сиромаштијата.

„Мерките кои се предвидуваат не ги решаваат проблемите, затоа ќе ги групираме правата или социјалните трансфери на три нивоа и тие исплатени средства кои граѓаните кои се во даден ризик, можно да се во немаштија, или економски немоќ, или некаква попреченост, тие трансфери треба да го издигнат над линијата на сиромаштијата и да дадат ефект. И со тој трансфер, државата ќе ја намалува сиромаштијата“, истакна Царовска.

Годишен одмор, секојдневно возење автомобил, посета на културни манифестации, козметички третмани, па и голем дел прехранбените производи станаа луксуз за добар дел од населението во земјава. Ако некогаш овие задоволства беа секојдневие ,сега се поретко може да си ги дозволиме, велат скопјани.

„Во претходниот систем имаше многу сега ништо, јас неможам да си дозволам годишен одмор“, велат граѓаните.

„Порано можам да кажам дека имало, сега не. Јас 7 години не сум бил на одмор, оваа година бев само една недела. Да сум средна класа ама тешко е“, додаваат тие.

„Луксуз не е само одморот, луксуз е скап автомобил, скап мебел, скапа гардероба, кај нас ова послабо бидејки немаштија е во државата, ама народот се бори, а за мал одмор ќе се најдат пари“, велат граѓаните.

Најновото истражување на институтот „Фајненс Тинк“ покажува дека состојбата со сиромаштијата во Македонија е загрижувачка, и дека најтешко живеат семејствата со три и повеќе деца. Анализата покажува и дека најсиромашни се младите луѓе, кои најчесто се соочуваат со невработеност, а како најмалку сиромашни се водат пензионерите – кои барем имаат редовен приход. Необичен податок, според „Фајненс Тинк“ е тоа што и покрај немаштијата, многу млади невработени лица често одбиваат да прифатат секаква работа.

„Прагот на сиромаштија се пресметува како 60% од медијалниот еквивалентен приход. Така што ако некој заработува под овој износ кој што изнесува околу 100 евра тоа значи дека тоа лице се третира како сиромашно“, смета Благица Петрески.

Од институтот сметаат дека за подобрување на состојбите потребен е повисок раст на економијата, односно нови и сигурни работни места, како и реформи во образовниот систем за лоцирање на дефицитарните професии. Состојбата со сиромаштијата е редовно нотирана и во извештаите на Светска Банка за земјава во кои е пресметано дека околу 140 илјади лица во Македонија живеат само со по 2 долари на ден.

Иле Петревски

Напишете коментар