Најстарата црква во Битола е подигната за само 4 месеци

Share Button

Црквата “Св. Димитрија“ –е изградена во најстрогиот центар на градот во 1830 год. речиси под драматични околности. Самиот габарит на објектот за тоа најдобро зборува, како и релативно сиромашниот екстериер и архитектура, во однос на богатиот ентериер. За префинетата битолска градителска традиција и познатиот вкус за естетското на овдешните граѓани, очигледно една голема замисла на најдобрите мајстори не се остварила, барем не онаква каква што тие знаеле, умееле и граделе велелепни објекти по балканските престолнини. Затоа многубројните битолски занаетчии, не само христијани, туку и од друга вероисповед помагале црквата само за четири месеци да биде подигната.

Причина за негаторскиот однос за нејзината градба биле локалните власти, кои не сакале да се изгради на овој простор голем христијански храм, повисок и побележит од околните нехристијански сакрални објекти. Оттаму се изнашол овој компромис за сметка на надворешноста да се направи импресивна внатрешност, високи сводови, бројни канделабри, чудесни полилеи и монументален раскошен олтар којшто подоцна бил изработен од прочуените македонски копаничари. Таквата определба му овозможила на овој познат наш храм необичен таинствен мир и атмосфера на возвишеност, што го прави и до денес свртилиште на бројните верници.

Црквата е градена во форма на трибродна базилика, со странични галерии. Секој брод претставува засебен параклис. Има уште една причина внатрешноста на храмот да биде вистинско уметничко сокровиште што е доминација на прочуеното македонско резбарство, посебно од XVIII и XIX век. Посебно воодушевува иконостасот со своите монументални димензии. Забележливи се знаци на европскиот барок и рококо стилот.
Како составен дел на оваа бележита градба на битолското архитектонско културно наследство е и новата камбанарија, изградена во 1936 год. Во 1999/2000 година во внатрешноста на црквата “Св.Димитрија“, се наиде на негибнат средновековен културен слој кој по старост на наодите се датира од X век. Тоа беше непобитен доказ дека еден дел од средновековна Битола е точно под темелите на денешна Битола.

 

 

Напишете коментар