БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА НЕГИРА ДЕКА ВО КАФЕЗОТ НА ВОЛЦИТЕ ИМАЛО МРТВО ЖИВОТНО

Share Button

БИТОЛСКАТА ЗООЛОШКА НЕГИРА ДЕКА ВО КАФЕЗОТ НА ВОЛЦИТЕ ИМАЛО МРТВО ЖИВОТНО

 

Зоолошката тврди дека нема шанси во кафезот на двата волка да се најде мрша, откако на социјалните мрежи се крена голема врева по објавата на снимки направени од битолчани, на кои во кафезот на волците се гледа дека има мртво животно (Фото: СДК.МК)

Одговорните од битолската зоолошка градина негираат дека во кафезот на волците имало угинат волк откако на социјалните мрежи се крена голема врева по објавата на снимки направени од битолчани, на кои во кафезот на волците се гледа дека има мртво животно.

„Гарантирам дека овде нема шанси такво нешто да се случи. И знам што месо им давам. Не може некој друг да фрли мрша во кафезот оти е заклучен, треба да го скрши некој катанецот за да влезе внатре. И оградата има тесни отвори и никој не може да фрли внатре мрша“, вели зоонегователот Трајко Гаговски (Фото: СДК.МК)

Во зоолошката градина денес рекоа дека директорот не е во Битола. Таму беше зоонегователот Трајко Гаговски, кој тврдеше дека во кафезот на којотите немало ни мртво животно, ниту пак некој можел да фрли мрша. Тој изрази сомневање дека снимката била направена на друго место и дека е со цел да му наштети на раководството на зооградината во Битола.

Од стариот кафез на ретките птици, поради дотраеност паѓаат ќерамиди врз жичната оградата со која се преградени птиците (Фото: СДК.МК)

„Да угине животно и да се остави внатре во кафезот, нема шанси. Со години овие два којота се во кафезот и нема други, значи нема кој да угине па да остане внатре. Дека се два којота се води и картотека. Мислам дека не беше снимката од тука. Гарантирам дека овде нема шанси такво нешто да се случи. И знам што месо им давам. Не може некој друг да фрли мрша во кафезот оти е заклучен, треба да го скрши некој катанецот за да влезе внатре. И оградата има тесни отвори и никој не може да фрли внатре мрша“, вели Гаговски.

Тој вели дека секој ден ги храни волците, но со месо кое го чуваат во специјална комора, а не со мрши.

Нојот има рани (Фото: СДК.МК)

Сепак,  на снимката е истиот кафез од битолската зоолошка градина во кој се сместени волците. Тоа се познава по таблата ставена на кафезот на која е нацртан волк, како и по преградениот простор внатре. Останува нејасно што животинче е мршата оставена внатре. На снимката волкот се врти околу неа и ја мириса, а над неа летаат муви.

На истиот симен материјал има и угинати птици по кафезите, а посетителите напишале дека мајмуните се жедни и со рани. За време на нашата посета немаше повредени мајмуни, а животните беа напоени. Гаговски вели дека честопати мајмуните се тепаат меѓусебе и можат да си нанесат рани, но дека тие водат крижа за нив, ги лекуваат, хранат и редовно напојуваат со вода на овие високи температури.

Нилскиот коњ живее во валкана вода (Фото: СДК.МК)

По објавените снимки, организацијата за заштита на животните „Анима мунди“ побара да се затвори зоолошката градина, да се одземат животните и дадат во центри за ресоцијализација на диви животни, а за в понеделник најави и кривични пријави против раководството на зоолошката во Битола.

Ова не е првпат да се бара затворање на зоолошката градина во Битола. Пред неколку години истото барање го имаше и Европската асоцијација на зоолошки градини, поради лошите услови во кои опстојуваа животните. Потоа, со пари од ЕУ фондовите се обновија дел од живеалиштата. Но, во зоо градината сѐ уште има кафези кои бараат итна реконструкција. Таков е, на пример, стариот кафез на ретките птици, од кого поради дотраеност паѓаат ќерамиди врз жичната оградата со која се преградени птиците.

Во зоолошката веќе се ставени водовод и канализација, но сѐ уште има непријатна миризба кај некои кафези.

Ж. ЗДРАВКОВСКА активен линк ,извор:SDK.MK

 

уредник

Related Posts

Create Account



Log In Your Account