Прва пресуда против прилепскиот градоначалник: Марјан Ристески осуден на парична и на условна затворска казна во траење од 3 месеци

Прва пресуда против прилепскиот градоначалник: Марјан Ристески осуден на парична и на условна затворска казна во траење од 3 месеци

Share Button

Пишува: Зоран Милошески

Кривичните пријави кои адвокатот Жарко Стеваноски подолг временски период ги поднесува против прилепскиот градоначалник Марјан Ристески го дадоа првиот резултат: заради сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“, Основниот суд во Прилеп го осуди градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески на парична казна од 36.900,00 денари. На Ристески му е изречена и алтернативна мерка, односно условна осуда казна затвор во траење од 3 месеци.

Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен на име надомест на штета на ЕЛС Општина Прилеп да ѝ исплати 238.750,00 денари.

Градоначалникот Ристески е прогласен за виновен затоа што во периодот од 18.07.2015 година па до 06.10.2016 година како службено и одговорно лице во ЕЛС Општина Прилеп, со несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на ЕЛС Општина Прилеп. Со тоа, градоначалникот Ристески на Општина Прилеп ѝ нанесол штета во износ од 238.750,00 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година.

За подносителот на пријавата, адвокатот Жарко Стеваноски, изречената пресуда против градоначалникот Марјан Ристески е доказ за неговото несовесно и незаконско извршување на функцијата. Утврдената висина на надомест на штета која градоначалникот е должен да ѝ ја надомести на Општина Прилеп, за Стеваноски е потврда дека сите досегашни изјави на Ристески за наводни милионски износи на име штета врз општинската зграда се чиста лага и му служеле да создаде револт и нетрпеливост помеѓу своите сограѓани по принципот “раздели па владеј“.

Истовремено, Стеваноски вели дека преку вака донесената пресуда се утврдува уште еден интересен податок за градоначалникот Ристески, а тоа е дека против него веќе се води постапка за друго кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 од КЗ на РМ, за која до денес јавноста не беше запозната.

„Ваквата пресуда значи дека било која наредна пресуда против него за кривично дело поврзано со службената должност, по автоматизам би повлекло не само отповикување на веќе изречената условна осуда и ефектуирање на 3 месечната казна затвор, ами и изрекување ефективна казна затвор за кривичното дело кое му се става на товар. Ваква пресуда се носи само во случај кога Јавниот обвинител предлага, а судот смета дека врз основа на доказите има доволна основа да се донесе пресуда без одржување на претрес“,појаснува адвокатот Стеваноски.

Стеваноски навестува дека следи интересен период поврзан со досегашното (не)постапување на Основното јавно обвинителство по веќе поднесените кривични пријави, затоа што ако доказите врз основа на кои е донесена оваа осудителна пресуда против градоначалникот Ристески беа факти, тогаш доказите приложени кон до сега поднесените кривични пријави кои ОЈО Прилеп го отфрли, беа непобитни факти.

Против градоначалникот Марјан Ристески, адвокатот Жарко Стеваноски има поднесено 5 кривични пријави со кои градоначалникот се сомничи дека сторил кривични дела поврзани со „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „Злоупотреба на постапките за јавни набавки“.

Прва пресуда против прилепскиот градоначалник: Марјан Ристески осуден на парична и на условна затворска казна во траење од 3 месеци

извор Публикум

уредник

Related Posts

Create Account



Log In Your Account