КОГА ИЗБОРИТЕ СЕ „СМЕШКА“, НАРОДОТ КАЖУВА ВИЦОВИ ЗА ИЗБОРИ

Share Button

Вицови за изборите и изборни измами се честа појава во модерниот балкански фолклор, одразувајќи ги маките на граѓаните низ целиот регион. Со оглед на присутноста на местење на изборите во земји како Црна Гора, Македонија и Србија, вицовите често се во стил „да се насмеме, за да не плачаме“.

5631133850_b9acf6124d_o

Оваа форма на кисел хумор се шири преку социјалните медиуми или во разговори меѓу пријатели. Веб-сајтовите за забава кои преземаат содржини со копирање понекогаш ги вклучуваат во поголеми збирки вицови.

Еве неколку такви шеги од регионот.

Следниот виц од Црна Гора се однесува на широко распространетата практика на небришење на починати лица од Избирачкиот список:

Дошол Црногорец на избирачкото место да гласа.
По гласањето, побарал луѓето од избирачкиот одбор да му дадат столче да седне.
– Повелете столче, дали Ви е добро, господине?
– Ама добро ми е, само сакам да го почекам татко ми да дојде на гласање.
– Па нели татко ви ќе си дојде дома по гласањето?
– Не, нема да дојде дома. Умре пред 10 години, но ете редовно излегува на избори, па си реков да го видам…

Иако оваа верзија е „брендирана“ како црногорска, варијации на овој виц може да се најдат во многу други земји. Еден напис од 1998 г. од британски автор забележал верзија која се однесува на изборите во САД во 1948.

5631133950_5fca96fa68_o

Варијации на следните вицови се присутни по форуми и социјални мрежи низ целиот регион. Овие копии се од избор на вицови за избори од еден српски веб-сајт за забава:

Кандидатот за градоначалник држи говор во некое село:
– До вашето село ќе направиме асфалтен пат! Ќе направиме и водовод! Ќе изградиме и училиште!
Некој од масата извикува:
– Ама во селово нема деца!
– И деца ќе ви направиме!

Како и многу други вицови, и следниот има универзална привлечност, иако во него се наведува одредена држава:

Српскиот премиер посетил градинка. Ги гледа малку децата како си играат и му вели на својот министер за финансии:
– Доделете 5.000 евра за подобрување на условите за живот во градинките!
Министерот извршува. Тие потоа одат во посета на затвор. Премиерот ги гледа затворениците, па вели:
– Алоцирај 500.000 евра од буџетот за подобрување на животните услови во затворите!
– Зошто 5.000 за децата, а за овие злосторници и разбојници 500.000? – прашува министерот за финансии.
Премиерот одговара:
– Зар мислиш дека по изборите ќе нè пратат во градинка?

Честата употреба на сомнителни анкети како средство за пропаганда е тема на следниот виц кој го забележал еден српски блогер.

Политичар се обратил на агенција за испитување на јавното мислење:
– Мислам дека 98% од граѓаните на земјава би гласале за мене. Може ли тоа да го проверите?
По два месеци, добил извештај:
– Господине, анкетиравме 10.000 лица и сите припаѓаат на оној мал процент од 2% граѓани кои би гласале против Вас.

Во 2011 година, весникот „Нова Македонија“ побарал од неколку македонски политичари да ги раскажат нивните омилени вицови. Опозициската пратеничка Весна Бендевска придонела со следниот:

Бабичка оди на гласање.
– Синко, помогни ми, те молам, ги заборавив очилата.
– Нема проблем, госпоѓо – вели еден новопечен административец и го заокружува лавчето на листот.
– Може ли да знам за кого гласав, синко?
– Не може, госпоѓо, изборите се тајни!

5631133596_514af456ab_o

Следниот виц може да се интерпретира и како шега на сметка на наводната поддршка што балканските десничарски партии ја добиваат од нивните „сестрински партии“ од Европската Народна Партија, политичка партија на европско ниво. „Докажување“ на гласачите дека ја имаат поддршката од „странците“ е чест фактор за придобивање гласачи. Преку своевидна замена на улоги, Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, владеачката партија во Македонија, помага на Ангела Меркел, германска канцеларка и лидерка на ЦДУ.

Ликот Миле во вицот се однесува на Миле Јанакиески, бившиот министер и главен извршител на волјата на Груевски, кој е под истрага како клучен осомничен за злосторничко здружување за вршење изборни измами.

Му ѕвони Ангела Меркел на Груевски:
– Никола, пријателе, ми треба помош од тебе. Во Германија ќе има избори и многу ми е тешко.
– Ангела, ако помогнеш да влеземе во ЕУ, нема проблем. Што да направам за тебе?
– Никола, ако можеш, испрати ми некој искусен стратег да ми помага!
– Нема проблем, Ангела, ќе ти го испратам Миле.
Поминале изборите и Груевски и ѕвони н Меркел:
– Ангела, што бидна, победивте ли?
– Не, завршивме на второ место и ги изгубивме изборите.
– Како така, а кој победи тогаш?
– ВМРО…

Текстот е преземен од Глобал Војсис (mk.globalvoices.org) непрофитен проект за граѓански медиуми на Центарот за интернет и општество – Беркман при Правниот факултет на Универзитетот Харвард, центар за истражување на влијанието на интернетот врз општеството./МЕТА

Напишете коментар