Владата се извинува за пропуст во статусот на Заев

Владината прес служба призна дека немало тет-а-тет средба и разговор меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и американскиот претседател Доналд Трамп. Во одговор за ТВ 21 од Илинденска број 2, велат дека станува збор за неформална средба за време на настан во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации. Односно само за ракување, што јавноста го виде на фотографија, а подоцна и на видео снимка. За објавата на Фејсбук профолот на Заев, која на блиц-моментот му даде поголема тежина објаснуваат.

„Прес службата на Владата се извинува за евентуалниот пропуст при составувањето на семантичката структура на реченицата и доколку употребата на зборовите „средба“ и „настан“ предизвикала разлики во толкувањето на информацијата“, велат од Влада.

Случката вчера крена голема прашина во македонската јавност и наиде на низа реакции, од граѓаните, но и од политичките соперници. За објавата дека Заев на Трамп му изразил поддршка и успешен старт на иницијативата за реформи во Обединетите нации, дури доби и честитки.

Денеска македонскиот премиер во обраќање во Њујорк на панелот за „Враќање на довербата кон Владата“, меѓу другото упати порака дека треба да се создаваат влади кои ќе им служат на граѓаните, за што се заложува и неговиот кабинет.

„Ние сакаме да ги слушаме нашите граѓани затоа што без нивниот „фидбек“ ние одиме во темно. Работиме во насока на воспоставување механизми за континуирана консултација со Владата, нашите министерства и агенции. Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија“, изјави Заев.

Премиерот денеска се очекува да учествува на Глобалниот бизнис форум на Блумберг, а најавени се и средби со високите претставници на ЕУ, Јоханес Хан и Федерика Могерини.

Антонио Крстевски

Share Button

уредник

Related Posts

Create Account



Log In Your Account