НАЈНОВО :

Според Владимир Талески во Битола предвидени биле 135 проекти а реализирале 500

Share Button

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој го завршува својот трет мандат, во отчетот за сработеното во Општината за периодот 2013 -2017 година, вели дека, наместо предвидените 135 проекти, реализирани се над 500 проекти, а еден од тие проекти е проектот што предвидуваше изградба и реконструкција на над 100 улици.

Image result for Владимир талески

Според медиумите, граѓаните се жалат дека во градот многу години не се инвестирало во ништо, а од локалната власт и надлежните битолчани ги бараат и ветената гасификација, подземните гаражи, хотелскиот комплекс „Нижеполе“, проектот Филмски град или, пак, ветената железничка пруга од Битола до Кременица.

Image result for Владимир талески

Општина Битола, во мандатот на Талески предвидела дека ќе потроши 23,8 милиони евра за изградба на капитални објекти, а потрошила само 14,2 милиони евра или околу 59 проценти.

По жител, пак, Битола за изградба на капитални објекти потрошила 154 евра.

Индустриска зона „Жабени“. Градоначалникот Талевски, својот фокус го става на развивање на индустриската зона „Жабени“ и привлекувањето нови инвестиции.

Во отчетот за сработеното се вели дека бил изграден паркинг-простор, пристапен пат и создадени се други инфраструктурни услови за потребите на фабриката „Кромберг и Шуберт“.

„Со ваквите вложувања обезбедена е добра инфраструктура во зоната, а таквиот пристап води кон зголемување на можностите за нови вработувања“, стои во отчетот.

Во отчетот се споменуваат и активностите на „Цераметал“, инвеститор од Грција во индустриската зона „Жабени“ за производство на чипс од свеж компир. Инвестицијата, според отчетот на Талевски, вреди 12 милиони евра, а во првата фаза ќе бидат овозможени 100 вработувања. Како нови инвестиции во битолскиот регион се споменуваат и фабриката „Стиза“, „Челмак“ и „Натуралија фуд“.

Топлификација на Општина Битола. Овој проект во Битола е најавуван во речиси секој изборен циклус и сѐ уште не е реализиран, односно жителите на Битола се греат на дрва или на струја.

„Овој проект е ветен на граѓаните на Битола. Тој ќе има позитивни финансиски и еколошки ефекти, бидејќи граѓаните ќе добијат евтина топлинска енергија, а ќе ја заштитиме и човековата околина“, рече Талевски во мај 2014 година, кога АД ЕЛЕМ го претстави проектот за топлификација на Битола.

Тогаш беше кажано дека придобивките од гасификацијата граѓаните ќе ги почувствуваат во 2017 година, но такво нешто не се случи. Во 2015 година, Собранието го изгласа Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот Топлификација на Битола, кој требаше да се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕЛЕМ. Пратениците и од власта и од опозицијата, едногласно застанаа зад законот донесен по скратена постапка, во кој стоеше дека првата фаза од централниот топлификационен систем за снабдување со топлинска енергија на Општина Битола се состои од изградба на систем за производство на топлинска енергија, транспортен вреловод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, вреловодна дистрибуциона мрежа во Битола и топлински потстаници во објекти.

Во јуни 2017 година, ЕЛЕМ го објави меѓународниот тендер за изградба на новиот систем за централно греење во Битола, Новаци, Могила и Логоварди. Повикот до компаниите беше публикуван на веб-страницата на Германската агенција за економски развој и во македонските весници. Но, смената на власта донесе дополнителни проблеми во овој дел. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев побара од управниот одбор на државната компанија да донесе одлука за мораториум на проектите, барајќи време за нивно усогласување со владината програма и оцени дека „чинот на објавување на овие јавни повици, и покрај повикот од владата до управата на АД ЕЛЕМ да бидат стопирани, е крајно непрофесионален“. Договорите за кредитирање на топлификациониот систем во Битола беа потпишани уште во декември 2015 година. Германската КфВ банка му даде заем на ЕЛЕМ во висина од 39 милиони евра, додека државната компанија за проектот треба да одвои дополнителни 7,5 милиони евра.

Проектот е предвидено да се реализира во две фази. Во првата етапа се планира изградба на магистрален цевковод од РЕК „Битола“ до самиот град во должина од 12,5 километри, потстаница и дистрибутивна мрежа во Битола, како и приклучоци до дистрибутивните мрежи во Новаци, Могила и Логоварди. Во втората фаза од изведбата на системот за централно греење ќе се гради дистрибутивната мрежа во населените места.

Гасификација „Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградба на национална гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на Општина Битола. Со изградбата на второстепената и на третостепената мрежа ќе се овозможат пониски трошоци за греење на домаќинствата и на компаниите, како и пониски трошоци за енергенти на производствените капацитети што користат гас“, се вели во програмата на градоначалникот Талески од 2013 година.

Гасификацијата требаше да се финансира од буџетот на РМ, но таа не се оствари, и покрај многубројните ветувања, години наназад. Гасификацијата на Битола е дел од проектот „Гасификација на Република Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ. Според „Вистиномер“, делницата за природен гас, која ја опфаќа и Битола во најновата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ (2017 – 2020) треба да биде завршена во 2020 година. Гасификација на Битола најавуваат и од СДСМ, која е опозициска партија во Општината.

Подземни гаражи. Изградба на подземни гаражи во Битола се ветуваат во последните два изборни циклуси, но досега не се реализирани. Рокот што го даде градоначалникот Талески за изградбата на гаражите, со цел намалување на сообраќајниот метеж, беше 2016 година. Според веб-страницата Вистиномер , досега нема информација дека овој проект е почнат, иако тој бил наведен како приоритет во претходната програма на ВМРО-ДПМНЕ за периодот од 2009 до 2013 година.

За ова, во февруари 2017 година реагираше и тогаш опозицискиот СДСМ.

„Четирите години поминаа, подземната сообраќајница, пешачката зона и гаражите не се изградија, но ветувањата, овојпат проширени и надградени, се повторија и во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година“, изјави Златко Ќурчиевски, советник во Советот на Општина Битола од редовите на СДСМ.

Преадаптација на просторот кај касарната. Овој проект е во почетна фаза на реализација. Во својата програма, Талески ветува дека „продадените парцели, кои се во изградба, ќе добијат потребна инфраструктура“ и ќе се создадат услови за изградба на нова населба на овој простор, со 150 милиони денари од буџетот на Општината.

Според отчетот даден на крајот од мандатот, распишан бил меѓународен тендер финансиран од Светска банка и избран е најповолниот понудувач, кој ќе изврши изградба на 7 улици во поранешната касарна за реализација на проектот „Изградба на седум улици со тротоари, водовод, систем за атмосферска вода и улично осветлување во поранешна воена област AРM1 и AРM2 во Општина Битола”.

„Во областа АРМ 1 и 2, најголемата површина е наменета за домување, односно областа АРМ 1 за станови, а област АРМ 2 за индивидуалните домаќинства. Како резултат на создадените услови во поранешната касарна, присутни се повеќе инвеститори, кои во изминатиот период изградија повеќе објекти, како ГП Пелистер, „Јури“, „Михајлов апартменс“, а, исто така, голем е интересот и на други физички и правни лица, кои купуваат станбени или планираат градба на други комерцијални објекти“, стои во отчетот.

Хотелски комплекс „Нижеполе“. „Заради развој на туризмот на Пелистер, ќе почнеме постапка за наоѓање приватен инвеститор, кој, заедно со Општината, преку модел на јавно-приватно партнерство ќе изгради модерен хотелски комплекс во Нижеполе“, се вели во програмата на Талески од 2013 година, кој за овој проект планирал да издвои 30 милиони евра од буџетот на Општината.

Овој проект не е реализиран, а причините се непознати, со оглед на тоа што од Општината не одговорија на прашањата на БИРН.

„Битола ФИЛМСКИ ГРАД“. „Привлекување домашни и странски екипи за да снимаат филмови и ТВ-серии во Битола, адаптација на објекти и опрема“, е еден од приоритетите на градоначалникот Талески во 2013 година. За овој проект планирани биле 1.000 милиони денари од буџетот на Општината, но истиот не е реализиран.

Реконструкција на железничката пруга Битола – Кременица (Грчка граница). „Со ставање во функција на железничката линија ќе се направи и нов крак, кој ќе влегува во индустриската зона „Жабени“, се вели во програмата на Талески, каде што стои дека овој проект ќе се реализира со 671.000.000 денари средства од ИПА фондовите.

Но, проектот, кој е најавуван веќе 10 години, сѐ уште не е реализиран. Со овој проект се предвидуваше пругата од Битола до Кременица (граница со Република Грција) во должина од 16 километри да се направи оперативна, со што ќе се придонесе за подобрување на можностите за транспорт и превоз меѓу Македонија и Грција.

Според  Вистиномер, модернизација на пругата ВМРО-ДПМНЕ ветува уште во кампањата за парламентарните избори во 2006 година, во програмата „Преродбата во 100 чекори“, со која Никола Груевски го доби првиот мандат, а истото ветување владејачката партија потоа го дава во сите наредни изборни циклуси, вклучувајќи ги и последните од декември 2016 година.

„Вистиномер“, во септември 2016 година, ја оценувал исполнетоста на ветувањето за „реконструкција и изградба на пругата од Битола до Кременица,“ при што во анализата се нотирало дека се поставени прагови и шини само на еден километар од вкупно 16-17 километри.

Кон почетокот на ноември 2016 година, тогашниот министер за транспорт и врски, Владимир Мисајловски, изјави дека бугарскиот конзорциум што беше избран да ја гради железничката траса, не го испочитувал договорот, поради што истиот е раскинат. Мисајловски најави и нов тендер за избор на нова компанија, која ќе ги доврши работите околу изградбата на пругата, но за тоа ќе се чекаат инструкции од ЕУ.

Потполна реконструкција на Зоолошката градина. И покрај тоа што градоначалникот Талески во својот отчет тврди дека Зоолошката градина е реконструирана, очевидците и фотографиите на теренот го говорат спротивното. Во отчетот, Талески тврди дека ова е реализирано како дел од заеднички проект на Центарот за развој на пелагонискиот регион, како добитник на грантот од втората компонента на ИПА фондовите, во партнерство со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион – Битола, Агенција за развој „АНФЛО“ – Лерин, Општина Битола, Општина Лерин и Зоолошката градина Битола.

„Од вкупно 700.000 евра за македонската страна, над 400.000 евра директно се инвестираат во изградба на нови живеалишта во Зоолошката градина, со што Зоолошката градина доби нова фарма- живеалиште, кое претходно го немаше, живеалиште за лисица и ракун, живеалишта за лав и тигар, мајмунара, нов влез, нова билетарница и живеалишта за мечка и рис. Поставена е и водоводна и канализациска мрежа во ЗОО Битола со општински средства“, се вели во отчетот.

Но, здруженијата за заштита на животните, како и посетителите на Зоолошката, преку медиумите алармираат дека Зоолошката градинаналикува на хорор-филм – мртви животни, ужасна смрдеа, повредени животни, несреденост и нечистотија, е сликата за која сведочат здруженијата и дел од посетителите.

Довршување на реконструкцијата на Црн мост. Со 25 милиони денари од буџетот на Општината ќе изградиме нов, побезбеден мост за возачите, а стариот ќе се користи за пешаци, се вели во приоритетите на градоначалникот во 2013 година.

Овој проект е реализиран, односно изграден е нов мост – кружен тек, а стариот мост е адаптиран во пешачки мост. Според пишувањата на медиумите, за изградба на новите мостови во градот и реконструкција на постојните, биле потрошени 2,6 милиони денари.

Изградба на нов храм за заштитникот св. Нектариј Битолски. Со 20 милиони денари заеднички проект на МПЦ и Општината, до 2016 година требаше да се изгради нов храм на заштитникот свети Нектариј Битолски во центарот на градот, но овој проект не се реализираше.

Во 2013 година, тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска престојуваше во посета на Битола, каде што заедно со градоначалникот Талески ги промовираа проектите за изградба на нов храм и за нова киносала.

„Проектот произлегува од барањата на граѓаните и е во координација со МПЦ. Изградбата на еден сакрален објект е од големо значење за граѓаните на Битола и целата држава. Проектот за заштитно-конзерваторски основи е завршен од НУ Завод и музеј и предаден на Општината“, посочи Канческа-Милевска.

Во 2015 година, медиумите објавија дека Преспанско-пелагониската епархија и Општина Битола не се откажуваат од изградбата на храмот.

„Проектот е изготвен, а се очекува да добие дозвола за градба. Се изработува документација, а бидејќи храмот треба да биде во централното градско подрачје, има многу работи што треба да се довршат. Се прави нов ДУП за да се обезбеди маркичка за изградба на храмот. Проектот е веќе изготвен“ – рече Талески. Сепак, до крајот на мандатот на Талески, храмот не беше изграден.

уредник

Related Posts

Неколкумина мажи биле во Гостивар со 13 годишното девојче

Коментарите се исклучени на Неколкумина мажи биле во Гостивар со 13 годишното девојче

Дац се обрати до јавноста, тврди дека имал испиено само една чашка алкохол

Коментарите се исклучени на Дац се обрати до јавноста, тврди дека имал испиено само една чашка алкохол

Create Account



Log In Your Account