Од Стоматолошкиот центар потрошиле 5.000 евра по ресторани

Share Button

Вработени од Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ за една година во ресторани потрошени 5.000 евра, на бензински пумпи се платени вкупно 4.000 евра, Клиниката исплатувала високи хонорари за услуги, а тендерските постапки не се водени како што треба. Ова е наведено во извештајот од Државниот завод за ревизија, а ревизорите изразуваат сомневање дека овие трошоци се направени во функција на работењето на Клиниката.

Ревизорите утврдиле и дека не постои соодветна контрола во врска со наплатените услуги. На Орална хирургија, пак, како што беше наведено од ревизорите, воопшто не бил презентиран фискалниот извештај за вкупно наплатените средства во 2016 година.

 Како што напишале ревизорите, Стоматолошката клиника во текот на 2016 година на располагање има едно патничко возило „голф 4“, како и патничко возило „југо“, кое во текот на годината е отуѓено.

„Притоа не е воспоставена практика за пополнување патен налог и одобрување на користење патничко возило за потребите на Клиниката, особено имајќи предвид дека Клиниката на располагање има 10 картички „Верна“ за набавка на гориво. Од Клиниката не ни беа презентирани овластувања одобрени од УО со имиња на лица што имаат право да ги користат овие картички за службени потреби. Поради наведеното не можеме да потврдиме дека расходите за набавка на гориво во вкупен износ од 246.000 денари се направени за потребите на Клиниката и се јавува ризик од направени трошоци по овој основ, кои не се во функција на извршување тековни работни обврски во Клиниката“, пишува во Извештајот.

Од извештајот се гледа дека за една година биле потрошени 5 илјади евра за угостителски услуги, но не постоеле никакви одобренија за користење на овие услуги.

„Евидентирани се расходи во вкупна висина од 302 илјади денари за извршени угостителски услуги. Во прилог кон фактурите не е приложена спецификација на направени трошоци, ниту, пак, соодветни одобренија за користење на овие услуги со објаснување за какви потреби се прават“, пишува во Извештајот.

Ревизорите утврдиле дека во 2016 година Стоматологија има извршено исплати во висина од 217 илјади денари, односно 3.500 евра, врз основа на склучен договор за одржување фотокопир. Но со тој договор, всушност, било предвидено наместо одржување на апаратите, да се наплаќа по 0,43 денари за фотокопирање една страница.

„Поради ова извршените исплати во горенаведениот износ се без основ имајќи предвид дека фотокопираните апарати се во сопственост на Клиниката и други правни субјекти не можат да остваруваат економска корист од апарати што не се во нивна сопственост“, напишале ревизорите.

Многу забелешки изнесоа ревизорите и во врска со јавните набавки. Една од забелешките е дека Клиниката често поништувала тендери со образложение дека понудените цени се повисоки од реалните на пазарот, без да наведе доказ за тоа. Но, забелешки има и за тоа дека не биле барани соодветни документи што се значајни за квалитетот на набавениот материјал за здравствените услуги.
Државниот завод за ревизија напоменува дека пред ревизијата на финансиските показатели за 2016 година, на Стоматолошките клиники не правел ревизија за претходните години. Затоа посочува дека одговорни за напишаното се д-р Ариан Даци – в.д. медицински директор од 11.11.2009 и Александар Тишовски – организациски директор од 24.12.2015 година.

Објавено во „Слобoден печат“

Напишете коментар