Битола 2018

Share Button

Концентрација на огромни финансиски средства и енергија само во еден град, само во Скопје, не е добра за државата во целина бидејќи се запоставуваат останатите градови и села и постепено се претвораме во град-држава.

Во повеќето држави во светот на главниот град му парира некој друг град како противтежа и баланс во развојот на државата. Така на пример, во Албанија со своите 3 милиони жители главниот град Тирана има само 321 000 жители (10% од населението во државата), а Драч има 113.000 жители (3,7%). Хрватска има околу 4,3 милиони жители, нејзиниот главен град Загреб има околу 800 илјади жители (18%), а Сплит околу 180 илјади жители (4,2%). Словенија има околу 2,055 милиони жители, Љубљана има население од 274 илјади жители (13,3%), а Марибор 114 илјади жители (5,5%). Србија има 7,186 милиони жители, од кои 1,233 милиони живеат во Белград (17,15%), а 262 илјади (3,6%) во Нови Сад.

За разлика од нашите соседни земји, кај нас, со население приближно како во Словенија (околу два милиона жители), во Скопје во потесното градско подрачје живеат, според последниот попис, 506.926 жители (24,6%), а заедно со пошироката околина на метрополата живеат 700 илјади жители (34%). За споредба, во Битола според последниот попис живеат 80.550 жители (3,9%). Слична е ситуацијата и во Грција, каде од 10,8 милиони жители во Атина живеат околу 3,313 милиони жители (29%), а во Солун 790 илјади (7,3%), што сепак значи дека вториот по големина град во државата има поважно значење од останатите градови во таа земја.

Трендот на населување во нашиот главен град не престанува. Напротив, тој е со уште поизразен карактер, додека останатите градови, со исклучок на неколку, се празнат, како и македонските села, кај кои трендот на намалување на населението е уште поизразен и трае подолг временски период. Непрекинато трае и процесот на иселување во странство.

Во прегледот на Државниот завод за статистика за внатрешните миграции во Македонија во 2012 година, од една во друга општина мигрирале 6.830 лица, а само во Скопје се доселиле 2.448 жители од други општини од земјава. Според последниот попис во 2002 година, во Македонија има 147 празни, односно раселени места, а стотици имаат до 10 жители. Во пет града, Скопје, Куманово, Битола, Тетово и Прилеп, е концентрирано 40 отсто од целокупното население во државата. Стотици села во земјава се на пат целосно да опустошат и да останат без ниту еден жител. Од континуираното иселување целосно се напуштени 141 македонски села, а изумирање им се заканува на уште 455, од кои најголемиот дел се во Источна Македонија.  Миграцијата во градовите директно влијае и врз намалувањето на наталитетот.

Во земјава повеќе од 50% од населението живее во градовите, додека, на пример, во Словенија, само една третина од населението живее во град, а две третини од популацијата е селско население.

Во последните неколку години инвестициите во Скопје се уште поизразени, посебно преку проектот Скопје 2014, кадешто се одвојуваат огромни суми за неразвојни проекти како што е промена на фасади, споменици, фонтани, галии, панорамски тркала… Само за илустрација, новата фонтана прскалка која се планира да се изгради на скопскиот плоштад се проценува дека би чинела околу 2,3 – 3 милиони евра, додека за панорамското тркало над реката Вардар се споменува цифра од 18,2 милиони евра. За земја со послаби економски параметри, голем процент на невработеност и сиромаштија ова се енормни и непродуктивни трошоци кои уште повеќе ги продлабочуваат негативните економски и политички трендови во државата. Дури и самите граѓани кои живеат во центарот на Скопје на последните избори веќе се изјаснија дека се против енормното и скапо преуредување на просторот во кој живеат, а сигурен сум дека ако се распише референдум во државава поголемиот дел од граѓаните би гласале против несмаленото темпо на инвестиции во овој гломазен и прескап проект.

Што би можело да се направи во наредниот период? Одговорна и совесна влада би ги намалила трошоците и инвестициите во главниот град и би посветила повеќе внимание на останатите градови и села во државата. На пример, Битола како втор град по големина и значење во државата би можела да добие парче од огромните инвестиции во Скопје, со што би го добила заслуженото место кое го имаат Солун, Нови Сад, Сплит и другите „втори” градови. На пример, со парите што би се потрошиле за панорамското тркало би можело целосно да се изгради плоштадот пред Центарот за култура, со изведба на подземна сообраќајница пред хотелот Епинал и поплочување на преминот над сообраќајницата за што веќе постои проект (слично на изведбата во Струмица), би можеле да се постават фасади на неколку згради кои се изградени за време на социјализмот на Широк Сокак кои го грдеат изгледот на улицата и со фасадите би се вклопиле во околината која изобилува со барок кој е изграден во времето кога тоа било тренд и кога Битола била далеку позначаен центар од Скопје. Пелистер е исто така заборавен. На патот до хотелот Молика веќе 4 години има свлечиште кое никој не го санира, а се доведува во прашање и безбедноста на возилата и животот на луѓето и децата кои патуваат до детското одморалиште, Молика и други повисоки места на планината. Зошто да не се инвестира во планината и да се изградат модерни патишта, хотели, скијачки терени на повисоките делови од планината (на пример, кај Орлови бари), за што постојат готови проекти веќе 20-на години и гондола која би водела до тие терени? На тој начин Битола би наликувала на Банско во Бугарија, град кој исто така се наоѓа до национален парк (Пирин), но има огромен развој благодарение на развојот на зимскиот туризам. Наместо тоа, се размислува за скијачки терени на Водно, на кое највисоката точка е 1.066 метри, што би значело дека скијачките терени би биле од 500 – 1.000 метри – висина непогодна за скијачки терени поради недостатокот од снег дури и во зима. А на Пелистер тие може да се направат на висина од 2 000 – 2.500 метри, со снег во текот на половина година! Патот од Битола до Охрид е прилично оштетен и подолг временски период не се работи на негова санација. Најзагрижувачка е сепак состојбата со загадувањето, како во Битола, така и во Скопје, Тетово, Кичево и Велес. Според податоците од битолската болница, на неделно ниво се откриваат дури по 2 случаи на карцином на белите дробови! Статистиката е ужасна и покажува дека отприлика 100 луѓе од Битола на годишно ниво заболуваат од рак на бели дробови, односно во период од просечен век на еден човек, ќе заболат над 7.000 луѓе што е речиси една десетина од бројот на жители во Битола. На бројни трибини организирани на оваа тема, како еден од главните фактори, покрај загадувањето од постарите возила и согорувањето на тврди горива (дрва, јаглен..) за огрев, се споменува и РЕК Битола, најголемата термоелектрана во државата, која произведува 80 отсто од потребите за струја во државата и потенцијалниот проблем со филтрите на оџаците на комбинатот, но и азбестот од кој се направени решетките во разладните кули.

Насловот на овој текст е симболички и иако се споменува Битола како втор град по големина и значење во државата, развојот и подобрувањето на условите за живот се потребни и во останатите градови во државата – Охрид, Прилеп, Тетово, Дебар, Кочани, Штип, Струмица, Берово и сите други, како и ревитализирање на македонското село. Час поскоро треба да се преземат некои чекори за подобрување на овие горливи проблеми на граѓаните и посветување на повеќе внимание на внатрешноста на државата. Еден чекор би бил одреден вид децентрализација на централната власт со креирање на посебни институции кои би биле со одредени можности да донесуваат одлуки за развој на регионите и да располагаат со соодветни финансиски средства за реализирање на тие одлуки. Владата би требало да овозможи соодветна рамномерна распределба на средствата кои сега енормно се слеваат во Скопје меѓу сите региони во државата.

Во 2007 година Владата донесе одлука Македонија да се подели на осум плански региони – Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски регион. Следен чекор веројатно би бил да се одберат градови кои би биле административни центри на регионите и во кои би се воспоставиле овие институции кои би биле во тесна соработка со централната власт, но би делувале локално. Вардарскиот регион би можел да биде управуван од Велес, Источниот регион од Штип, Југозападниот регион од Охрид, Југоисточниот од Струмица, Пелагонискиот од Битола, Полошкиот од Тетово, североисточниот од Куманово и Скопскиот нормално од градот Скопје. На пример, управата на Пелагонискиот регион би можела да иницира независна истрага за тоа дали и колку постои загадување на воздухот во пелагонискиот регион од РЕК Битола и да иницира соодветни мерки за овој проблем што побрзо да се намали или целосно реши, да работи на искористување на топлотната енергија од РЕК Битола за затоплување на градот со што би се намалила употребата на дрва и јаглен за греење, да ги реализира проектите во централното градско подрачје во Битола, да работи на развојот на туризмот на Пелистер… Управата на Југозападниот регион со седиште во Охрид би можела да работи на соодветна заштита на брегот на Охридското Езеро од се поголемиот наплив на комерцијални објекти на самиот брег и уништувањето на плажите и природните реткости, како и доизградбата на колекторот за отпадните води. Управата на Полошкиот регион би можела да работи на прогласувањето на Попова Шапка за национален парк…

Сите регионални управи би можеле да посветат посебно внимание на развојот и одржувањето на селата и нивно ревитализирање со население и економски развојни проекти. Да се надеваме дека наредните години би биле посветени на ваков развој на државата кој би придонел за намалување на миграциите село – град и Македонија – други земји во светот. Можеби, со добро планирање и реализирање на разни проекти ќе успееме и да привлечеме дел до населението да се врати во помалите градови и села, како и враќање на дел од бројната македонска дијаспора од Европа, Америка и Австралија.

Тони Димитровскиmkdportal

Напишете коментар