Пругата Битола – грчка граница исчезна низ битолското поле„

Share Button

Несудената пруга Битола- Кременица – грчка граница се изгуби низ битолското поле. Три и пол години откако поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески од ВМРО-ДПМНЕ најави дека на неа почнуваат градежни активности, денес, во 2017 година, остана тампониран само крупен чакал во должина од еден километар од предвидените 17 километри.

пруга2

Tопката ѝ е префрлена на новата влада. Таа има задача да го заврши проектот за изградба на пругата што се ветуваше како адут на изминатите локални и парламентарни избори и што стоеше во програмите на ВМРО-ДПМНЕ за Битола.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во изминатата недела, одговарајќи на новинарско прашање, најави дека ќе продолжат работите на оваа делница. На крајот на октомври се очекува да биде избран најповолниот понудувач, а сега тече фазата на евалуација на компаниите кои се јавиле на вториот тендер што беше распишан за изградба на делницата.

Сугарески уште кажа дека се прават напори Македонија да не ги изгуби 20-те милиони евра од европските ИПА-фондови и изградбата да падне на товар на државниот буџет.

– Станува збор за средства од ИПА фондовите што треба да бидат искористени оваа година. Планираме работите да ги забрзаме за тие средства, наменети за пругата, да не паднат на товар на буџетот. Максимално сме посветени на таа работа, пред неколку дена имавме средба со министерот за финансии и со директорот на „Македонски железници“ – инфраструктура. Разговаравме сите овие процеси да се одвиваат максимално прецизно. Се надеваме дека следната година пругата ќе биде направена – рече Сугарески.

Ситуација со изградбата на пругата во изминатиот период толку се искомплицира што за обичниот граѓанин стана тешко разбирливо. Битолчани велат дека некој треба да понесе одговорност за начинот на кој се реализираше еден од главните адути на поранешната власт.

– Помнам дека во 2015 година, на партиски митинг во Битола, тогашниот премиер Никола Груевски кажа дека пругата ќе се изгради со странски пари. Ама ни пруга видовме, ни пари видовме. Некој треба да одговара за ова. Се измешале работите со изведувачот – вели битолчанец.
Талески уште сè фали со пругата

Битолскиот градоначалник Владимир Талески рече дека во Општината претстои уште многу, многу работа. Сепак, во најновиот отчет за последниот мандат, повторно одвои простор за пругата. Таму стои дека се во тек градежни активности кои ќе резултираат со обнова на 17 километри пруга од крајот на станицата во Битола до границата со Грција, како и реконструкција на повеќе премини и поврзување со индустриската зона „Жабени“. Освен тоа, и изградба на нова железничка станица за прекуграничен сообраќај со сите придружни објекти и нова сигнализација и телекомуникациски инсталации. Проектот ќе се реализирал преку Министерството за транспорт и врски, стои во печатеното издание на отчетот на Талески.

Од ланското лето на оваа делница се запрени сите работи, откако Министерството за финансии минатата година во јули го раскина договорот со конзорциумот, составен од три бугарски и една македонска фирма, кој победи на првиот тендер. Конзорциумот во договорениот рок, од јануари 2015 до јули 2016 година, реализирал само триесетина проценти од градежните работи на пругата Битола – Кременица. Околу 70 фирми подизведувачи не ги добија парите за сработеното, за што лани протестираа, а потоа го тужеа конзорциумот за долг од околу еден милион евра.

Тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, изјави дека по раскинување на договорот ќе се активира наплатата на банкарската гаранција.

И државните ревизори во ревизорскиот извештај за развој на железничкиот сообраќај, објавен во јуни, предупредуваат дека до крајот на 2017 година Министерството за транспорт, како носител на проектот, треба да ги заврши сите изведбени работи, а во спротивно, по овој датум, трошоците ќе паднат на товар на државниот буџет.
(објавено во „Слободен печат“)

превземено ohridsky.com

Напишете коментар