445.000 граѓани на Македонија буквално не знаат што ќе јадат утре

Share Button

Околу дваесет и еден процент од населението во Македонија тоне во сиромаштија и не успева да си ги задоволи основните потреби за храна за себе и за членовите на потесното семејство. За да си купат барем еден оброк во текот на денот, проблем имаат околу 445.000 граѓани и тие буквално не знаат утре што ќе јадат. Овие поразителни бројки беа мотив за повеќе невладини организации, во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата да организираат акција „Нахрани 1.000“.

Акцијата денеска беше спроведена на пет локации во Скопје, каде што во периодот од 10 до 19 часот на штандовите хуманите граѓани можеа да донираат храна.

Штандови имаше на плоштадот Македонија, пред „Скопје Сити мол“ кај „Плеј кафе“, пред „Веро“ во Аеродром, пред Домот на градежници и пред маркетот „Тинекс“ во Ѓорче Петров.

Организаторите посочуваат дека граѓаните можат да донираат храна со подолг рок на траење, како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, зејтин, грашок, конзервирана риба, супи, бисквити, конзервирано овошје и зеленчук…

– Ова е најмасовна акција досега за донирање храна што е организирана од страна на повеќе организации за да собереме што е можно повеќе храна. Ова се само почетоци, а идејата дојде од потребата т.е од нашите анализи кои покажаа дека 445.000 граѓани или 21 процент имаат проблем да си обезбедат храна, односно во просек имаат по еден оброк во текот на денот и буквално не знаат утре што ќе јадат. Тоа се сериозни бројки што бараат сериозни напори – изјави Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.

Според Јосифовски, ова е само почеток на сите акции што тие планираат да ги преземат во иднина околу собирањето и донирањето храна за оние на кои им е најпотребна.

– Граѓаните навистина се многу заинтересирани да донираат и да помагаат. Доколку заинтересираноста и понатаму трае, оваа акција ќе продолжи и во наредните денови – информира тој.

Инаку, освен граѓаните, можност да остават храна имаат и заинтересираните компании кои храната можат да ја остават во камионче што оди по фирмите.

Следни планови на организаторите на овој настан, за што е можно помалку гладни во земјава, е отварањето на т.н. „Мрежа за донирање храна“ која, како што велат, ќе помогне и за законските промени што сакаат да ги иницираат.

– „Ајде Македонија“ како организација, како и повеќе граѓански организации, сакаме да направиме промени во легислативата околу донирањето на вишокот на храна т.е целата таа храна што останува да може да се донира затоа што во Македонија има многу небулозни бројки, од една страна сме седми во светот по глава на жител по фрлање на храна, а од друга страна сме на врвот по однос на гладни луѓе. И ние се организиравме за сето тоа да го промениме – велат иницијаторите на „Нахрани 1.000“.

Според планот на работа, целата храна што ќе биде донирана, ќе биде спакувана во пакети и ќе биде дистрибуирана до семејства на кои им е неопходна. Во врска со бездомниците и со фактот што тие немаат можност ниту место каде да ја готват храната, нив ќе им биде донирана конзервирана храна, а дел од храната што треба да се готви ќе биде дадена во пунктовите каде што се собираат бездомниците за таму да ја конзумираат.

Како организатори на оваа хуманитарна акција се јавуваат „Мрдни со прст“, „Црвениот крст на Град Скопје“, организацијата „Ајде Македонија“, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства „Љубезност“, Сојузот на извидници и организацијата АДРА.

Елена Вељановска, „Слободен печат“

уредник

Related Posts

Протестот пред Собранието продолжува

Коментарите се исклучени на Протестот пред Собранието продолжува

Бремени уште две малолетни девојчиња од „25 Мај“

Коментарите се исклучени на Бремени уште две малолетни девојчиња од „25 Мај“

Полицијата и УЈП во ноќна акција во битолски ноќен клуб, 4 лица приведени и пронајдена дрога

Коментарите се исклучени на Полицијата и УЈП во ноќна акција во битолски ноќен клуб, 4 лица приведени и пронајдена дрога

МВР:Лага е дека на граничниот премин Богородица е поставено знамето на Република Албанија

Коментарите се исклучени на МВР:Лага е дека на граничниот премин Богородица е поставено знамето на Република Албанија

Create Account



Log In Your Account