Таткото обвинет, синот ослободен: Осма доживотна казна за случајот Диво Насеље

Таткото обвинет, синот ослободен: Осма доживотна казна за случајот Диво Насеље

Share Button

Сулејман Османи, обвинет како „главен логистичар“ на кумановската група е осуден со доживотна казна затвор. Османи при изрекувањето на пресудата аплаудираше во судската сала и извикуваше „да живее УЧК“. Порачал дека со оваа одлука не е осуден само тој,  туку 10 милиони Албанци.

Братот на Сулејман Османи, Мифтар Османи, вели дека не очекувале таква пресуда од судот. Според него, случајот е монтиран и бара меѓународна истрага.

„Оваа не е правда, со доживотна робија да се казнуваат лица од монтирани случаи. Ова се монтирани случаи. Ова не е прв пат. Ние секогаш сме набљудувани. Барам од меѓународниот фактор да го преземе случајот“, вели Османи.

Адвокатот, Насер Рауфи, истакна дека според доказите е јасно дека се работи за монтиран случај од страна на тајните служби. Како што вели тој, не знае како судот ќе го образложи тоа што не биле прифатени докази на одбраната.

„Се работи за монтиран случај и немаше волја од страна на судот да го обелодени случајот со самото тоа што не ги прифатија доказите. Секако дека ќе ја обжалиме одлуката. Имаме право на две жалби поради тоа што се работи за доживотна робија, жалба до Апелациски суд и до Врховен. Очекуваме пресудата во пишана форма да се достави и до одбраната“, соопшти Рауфи.

Сулејман Османи беше уапсен во јули 2015 година на Косово. Тој ѝ побегна на полицијата во Македонија кога им го покажувал местото каде што било скриено оружјето кое подоцна обвинетите го користеле за пукањето во Диво Насеље.

По неговото апсење во Косово, Османи беше екстрадиран во Македонија. Вчера судот осуди 33 учесници на кумановската група со вкупно 746 години затвор, а вкупно осуммина добија доживотна робија.  Четворица добија ослободителна пресуда, меѓу кои и синот на Сулејман Османи.

Арменд Мурсели

уредник

Related Posts

Create Account



Log In Your Account