Полицијата ги следи состојбите по комуникеата на УЧК објавени во јавноста

Не стивнуваат заканите по пресудата за Диво насеље. Генералниот штаб на УЧК со седиште во Скопје бара Албанците во земјава најдоцна до утре да ги напуштат сите државни институции во кои се вработени. Албанската новинаска агенција Лајм го објави документот со кој УЧК им постави 72-часовен ултиматум на Албанците во Македонија. Со истиот документ Ослободителната народна армија ги осудува доживотните затворски казни за члановите на кумановската група.

Од МВР велат дека се запознаени во ваквото соопштение и дека во соработка со Јавното обвинителство превземаат соодветни мерки, а активностите се сеуште во тек.

Истовремено, МВР нагласува дека во континуитет се следат евентуални безбедносни ризици од каков било вид, меѓутоа во моментов нема никакви сериозни закани по безбедносната состојба, вклучително и во врска со предметното „коменике“ и неговата содржина. Актуелните анализи и сознанија на МВР упатуваат на оценка дека безбедносната состојба во Република Македонија е мирна и стабилна, велат од полицијата.

Иако најавени преку медиумите, до овој момент Министерството за внатрешни нема сознанија за одржување на нови протести за пресудите за Диво насеље. На протестите кои се организираа викендов, албанските невладини организации побараа меѓународна истрага за случувањата во Куманово. Ден потоа, албански хакери ги нападнаа  сајтовите на Основниот и Врховниот суд. По објавата на Кривичен, повеќе протести се одржаа и во Косово, каде беше запалено македонското националано знаме.

Сител

Напишете коментар