Напредокот на прилепските еснафи и нивното опаѓање

Share Button

Опис на еснафите во Прилеп. Напредокот на прилепските еснафи и нивното опаѓање…

Додека немаше кај нас машини за шиење и други, сите еснафи се множеа, напредуваа и цветеа. Целата чаршија во Прилеп прилегаше на една фабрика за народни умотворби, којашто вадеше разни мануфактури што ни беа потребни за целиот народ, за нашиот живот и се купуваше од другите наши соседни градови. Но кога се внесоа кај нас разни машини и кога почнаа германските стоки да ни се внесуваат, иако беа калпави, но нели поевтини, ни ги конкурираа нашите стоки и од ден на ден не упропастија и тукуречи сите еснафи се уништија, со исклучок на неколку.

За спомен на прилепските еснафи на некои им ги запишав изработките (нивните рачни производи) со нивните имиња и изгледот нацртан, како и нивните алати (инструментите) со нивните имиња и нацртани. По прилепски говор.

Терзиоскио еснаф 

Терзисќио еснаф ет со четири имиња: чоаџиски, абаџиски, аз’рџиски, ихчиски или кафтанџиски.

Чоаџиите шијат алишта само од чоа, само за Турците. Во тоа време имаше чоа: карпус чоа, шкодранска чоа, кондон, терција. Од карпус чоа и шкодранска шиевме долами на Турците и потури, чапќени, а од лондоно и друзи му шиевме абдесл’ци, шалвари, минтани, казеќии и др.

Чепќените, потурите, доламите, минтаните, казеќиите ’и везевме со срма. Гајтаните идеа од Калофер и од друзи градои. Ибришимо од Сер ни идеше, конци ни идеа од Трабозан и друзи од битолсќите Евреи.

Мајсторо седи крснозе пред тезѓето и од другата страна на тезѓао седат калфите и шијат. Коа ќе зема мера мајсторо на некој чоек за да му крои алишта, мерата ќе му ја зема со черпијата: ќе му клаи черпијата на врато и ќе ’а пропушти наудолу до кај што сака чоеко да му биди долго алиштето. На крајо од черпијата има едно куршумче за да тежи надолу и ќе ја мери черпијата на еандезето колку е долго и широко алиштето и ќе бележи со тебеширо и ќе му удри черпијата да се бележи.

Сопрво чоата што ќе се кроеше ќе ја напрскавме со вода и откоа ќе ја попиеше водата, ќе ја утелеисавме за да се собери колку што треба и после ќе се кроеше алиштето. И откоа ќе се сошиеше или навезеше (цвеќињата) и ќе се сошиеше гајтано, ќе се утелеисаше со големата утија. На утијата ќе му се клаи басаџако згора за да не му гори ногата од жешката утија, и така ќе се бастисаа гајтаните и цвеќињата, та после ќе се каплаисуа алиштето со астар. А пак тутаџако служи да се ваќа утијата и да се бриши од пепелта, а најпоеќе за да се ваќа малото утииче, чунќи целото се закопуаше во огно за да се стопли (чунќи во старо време немаше пампор-утија што да се топли однатре, као што има сега).

 

Као што има целото алиште име, така имаат сите части на алиштето имиња: прво арката (плеќите, грбо), јуноите (полите), колтуците, ракаите, черќезите (на крајо на ракаите) и ојмите (кај што се запетлуаат ракаите).

На потурите печал’к се викаат ногајците, озгора дури удолу, а на долнио крај се викаат тозлуци, по наше пратеници; стредината ѓотлуко и др.

Као во терзисќио занаат што му се имињата на алиштата и на алатите се поеќе на турсќи, така и во поеќето занаати сет имињата се поеќе на турсќи, као што ќе видите од описаните понатамо.

До колтавтата – штица за во ракаите се пикнуа за полесно да се утелеиса.

Дуќаните на чоаџиите сет со широќи рафтои, кај што му стои готоата стока и поставите од чоа.

На потурите клаавме учкури од ѓезија. Ѓезијата ни идеше од Сер. Срмените гајтани што ’и шиевме на чепќените и на тозлуците од потурите ни идеа од Беч.

Чоените алишта се праеја поеќе аз’р готои, ошто нарачани. Поеќе се продава на вересија, ошто со пари нарака; ваде се клааше со Крстоен, до гумно и по гумно. Ретко имаше Турчин да не плати: или пари ќе даеше или жито на гумно.

Арно ама, од ден на ден Турците поиспаднаа и не можеа да купуаат чоени алишта; и ако купеше некој – не ’и плаќаше, и заватија да не ’и веруаат и да не му даваат на вересија. И му се свртеа на шајачните да носат, чунќи сет поевтини, а пак најпосле ватија да носат беневрези (танок шајак ткаен со инт и волна). За многу евтина цена, наместо чепќин, носат фермеле со волнени букмиња.

Сега поеќето Турци сет облечени со алишта што да чинат до сто гроша, коа напред беа облечени по илјада грошеи и више. Ретко има Турци облечени као напред – се во чоа и во срма. Сега позаможните и поучените што сет во конако сет облечени се во вренцќи алишта, од казмир и шајаци..

Френцки Терзија (Кројач)

Околу шеесе години има коа се облекоа трима ерѓени во Прилеп во вренцќи бели пантолони и црни сетриња. Тие беа Коне Кусев, Панду Коста Ника Влав и Ѓорче Томов (или Вердупча). На прв ден Велигден дојдоа на оро (на собор) и коа ’и видоа децата, страшен повик викаа по нив. И на сите викотници и шеѓи што се шегуааа, тие си ’и носеа алиштата. И полека-лека во тоа време ватија големците, бегоите и забитите да носат вренцќи алишта. Првиот вренк-терзија беше мајстор ми Тимион чоаџијата, а пак ја бев првио калфа при него што ’и шиев вренцќите алишта. И по неколку време никнаа кој од Битола, кој од Крушоо и сега имаше неколку дуќани наши прилепчани.

Вренцќите алишта што се праат, поеќето се праат од шајаци домародни и помалце од казмири. Се носат: пантолони, елек (џелетка), палто, сетре, капут, џаќет, пердису, минцикоф и друзи.

Со белеѓијата бележуа со сапунче за да сечи рамно. Со триаг’лнико бележуа кај што сака да е накривено. Со метрото мери. На камбуро утелисуа плеќите, на големата перница утелисуа полите. Со малото перниче утелисуа рамото од ракаите. Големата перница и малата е полна со парчиња.

Забелешка. Во старо време некој терзија го видел ѓаоло на сон со еден бајрак в рака и на бајрако има безброј парчиња што крадел од муштериите коа му кроел.

– ’И глеаш овие парчиња на бајрако што сум ’и изврзал? – му рекол ѓаоло на терзијата. – Сите на тој век ќе ти ’и изваат пред тебе.

Ами лели беше се уплашил терзијата и едно дошол на дуќан и му го кажал соно на калфите, и му рекол:

– Отсеа вамо коа ќе кројам на некој муштерија и ако нешто украдам некое парче, вие ќе ми речите: „Бајрако, мајсторе!“ И јас ќе се сетам за да не крадам.

Многу време оде и велејќи му калфите „бајрако!“, не крадеше. Дошла една свадба да му крои алишта и кроејќи еден в’стан од бечка кутнија, украл колку едно ендезе од кутнијата, при се што му кажуале за бајрако. Откоа си ошол муштеријата, му рекле калфите:

– Е оти, бре мајсторе, го украде парчето кутнија?

– Е уште од кутнија немаше на бајрако, бре калфи, да кај што има од се – нека има барем и од кутнија.

Рака што е учена да кради и да ја пресечиш – па ќе кради.

Од записите на Марко К. Цепенков

уредник

Related Posts

Александар починал еден час откако грчките спасувачи го испуштиле во бездната

Коментарите се исклучени на Александар починал еден час откако грчките спасувачи го испуштиле во бездната

Create Account



Log In Your Account