БАБА ВАНЃА КОМУНИЦИРАЛА СО ДЕМОНИТЕ, А НЕ СО БОГ!

Сведоштва од Стариот Завет во врска со оние што говорат со „мртовци”

Кога Евреите се приближуваат до границите на земјата Хананска (по бегството од Египет, околу 1200-1300 година пред Христа), Бог преку пророкот Мојсеј го предупредува народот на следниов начин:

„Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи; да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог; зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал. (Второзак. 18: 9-14).

Овој текст е доволно јасен и нема потреба од дополнителни толкувања. Да повториме уште еднаш дека, Бог е толку категоричен во однос на овие „феномени”, бидејќи комуникацијата со бесови (под вид на мртовци) е погубна за човечката душа. Феномени како горенаведените пророкот не ги нарекува поинаку освен гадотии пред Господа, и на нив тој го оддава распадот на хананските држави.

Но, знаејќи дека горното предупредување само по себе не ќе биде во сила да ги одврати оние што се предале на секакви пагански „феномени”, еврејскиот народ, кој при тоа бил веќе запознат со овие феномени уште од Египет, Бог преку Мојсеј издал строги закони, кои предвидуваат дури и смртна казна (убиство со камења) на оние кои се занимаваат со спиритизам, јасновидност, повикување на душите на починатите и др.

Во книга Левит, на пример, е запишано:

„Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш.”(Лев. 19: 31).

„И ако некоја душа се сврти кон оние, кои извикуваат мртовци, и кон волшебници, за да ги следат во нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин.” (Лев. 20: 6).

Пророкот Исаиј пишува: „Ако ви речат: „Прашајте ги духовите и оние кои пророкуваат за иднината, што шепотат и мрморат” – одговорете: „Зар народот не треба да Го праша својот Бог? Зар мртвите се прашуваат за живите?” (Иса. 8: 19).

Но несомнено најстрогите заповеди се:

„Вражачка да не се остава жива” (Изх. 22: 18), и „Маж или жена кои, меѓу вас, ќе станат повикувачи на духови на мртви или ќе вражаат, нека бидат казнети со смрт; нека бидат каменувани, а нивната крв нека падне на нив (Лев. 20: 27).

И покрај сета оваа строгост, во времето на еврејските судии и цареви верата во повикување на душите на починатите и предвидувањата на разни јасновидци зела толку широки размери, така што достигнала и до царскиот двор. Цар Саул, во почетокот на своето владеење (околу 1040 -1020 пр. Хр.), додека ги пазел Божјите заповеди, „ги избркал маѓионичарите и врачарите низ земјата” (1 Цар. 28: 3), но потоа во една војна со Филистејците сам станал жртва на беззаконие, така што лично отишол кај Аендорската волшебница, за да му го извика духот на пророк Самуил, за да се советува со него (1 Цар., 28 гл.). Колку оваа постапка на еврејскиот цар била спротивна на волјата Божја се гледа од тоа дека Саул во најскоро време бил казнет од Бога со губење на престолот и својот живот: „Така умре Саул поради своето беззаконие, што го направи пред Господа, затоа што не ги запази зборовите Господови и се допрашуваше до вражачите, а не Го побара Господа. Затоа Он и го погуби и царството негово и го предаде наДавида, Јесеевиот син.“ (1 Парал. 10: 13-14).

И така, треба ли да се однесуваме кон Ванѓа како кон „светица”, ако сакаме да веруваме во Живиот Бог и Неговото Слово? Одговорот е повеќе од очигледен: Ванѓа секојдневно вршела душепогубни дела, строго забранети од Светото Писмо. Таа не само што не е светица, но била и душепогубен проводник на ѓаволските дела меѓу луѓето.

Постојат некои фотографии на кои се гледа соба со иконите на Ванѓа и нејзината лична Библија, поставена на нејзиното шкафче. Очигледно оваа Библија била само некаква религиозна декорација за „пророчицата”, која покрај својата надинформираност не знаела важни библиски текстови, и покрај тоа што таа самата ги советувала луѓето да веруваат во Бога и да ја читаат Библијата. Или уште полошо, ако таа го знаела сето ова, значи свесно се противела.

Ванѓа дефинитивно не е светица. А дали не била и волшебница?

Досега веќе неколку пати кажавме зборови како „вражачка” и „волшебник”, и затоа треба да објасниме што значат и содржат во себе овие дефиниции. Она што најкомплетно ја карактеризира суштината на маѓепсништвото и вражањето е сознателното општење на човекот со темни сили. Токму затоа, ние би рекле, дури и во оваа рана фаза, дека Ванѓа навистина била волшебница, макар и несвесно. Субјективно гледајќи се себеси како христијанка, практично таа била во видливо, сознателно и постојано општење со демонските сили. Само што при сознателно маѓепсништво (неправилно нарекувано уште и „црно”), маѓепсникот е целосно свесен со кого и зошто се поврзал; Ванѓа била несвесна волшебница, бидејќи таа никогаш не осознала докрај на кого точно служи. За овој факт сведочи и најверодостојниот нејзин биограф, внуката Красимира Стојанова, која што ги опишала молитвите од Ванѓа на следниов начин: „ А друг пат нејзините молитви завршуваат со прашање, дојдено директно од нејзиното срцето: „Која е мојата судба, Господи, и на кого му служам?”

Ванѓа имала сосема доволно основа не само за овие свои сомнежи, но дури можеше да биде сосема сигурна дека не служи на благиот Бог. Во еден одреден момент од нејзиниот живот, демоните стануваат речиси полновластни господари на сите нејзини постапки и Ванѓа едноставно се чувствувала немоќна да се бори со „силите”. А дека овие „сили” дури и ја казнувале за некои нејзини срамежливи обиди за спротивставување, за тоа има бројни веродостојни факти.

krista.mk

Напишете коментар