ОБРАЗОВААТ ДЕЦА, А ИЗГЛЕДААТ НЕДОЛИЧНО, НЕСЕРИОЗНО И КРАЈНО НЕПРОФЕСИОНАЛНО

Share Button

Нападно нашминкани, со длабоки деколтеа и во кратки здолништа. Вака се облекуваат некои наставнички и професорки кои предаваат и во основното односно во средното образование. Кога е топло пак, има помлади наставнички кои доаѓаат на работа облечени во хеланки, во маички на прерамки.

Фотографијата е илустративна

Недоличното облекување влијае на тоа, колку учениците ќе го почитуваат наставникот. Ако тој не изгледа сериозно и професионално додека е на работа, тогаш нема да успее да си „заработи” почит и углед и кај учениците и меѓу колегите.

Има училишта кои имаат кодекс на облекување и однесување, но во пракса, тој не се почитува.

Треба да има правила 

Просветниците велат дека е убаво да има кодекс на облекување, со оглед на тоа дека има поединци – нивни колеги кои неумесно изгледаат додека се на настава со учениците.

– Пожелно е да има некои правила бидејќи во реалноста на училиште има колешки кои провокативно и недолично се облекуваат, а работат со деца. Така облечени не можат да изградат авторитет, колку и да се стручни – вели наставник на третоодделенци во едно скопско основно училиште.

Долгогодишната одделенска наставничка Драгица Поповска вели дека не може како било да се оди на работа во училиште.

– Облекувањето на наставниците е важно за реномето на училиштето, за угледот на училиштето, како и за личниот углед на наставникот. Ова е професија која не дозволува на работа да се оди во каква било облека. Сметам дека и родителите треба да повнимаваат како доаѓаат на училиште зошто се случува тие да бидат многу непристојно облечени, што претставува навистина грда слика. Со тоа покажуваат непочит кон училиштето како институција – смета Поповска.

Една професорка во гимназијата „Орце Николов” вели дека има и најдотерани професорки, кои учениците не ги ценат.

– Има помлади колеги кои недолично се облекуваат и тоа треба да се регулира. Но, сметам дека од облеката не зависи авторитетот туку тој се гради со личноста – вели професорката.

Општините и директорите можат да усвојат кодекс

На ниво на држава не постои унифициран кодекс на облекување кој би важел за сите наставници. Училиштата се децентрализирани, па со оглед на тоа, би требало ова прашање да го регулираат општините, односно училиштните раководства бидејќи вакво нешто не е во надлежност на министерството.

– Исто така, бидејќи наставниците се јавни службеници за нив важи и Законот за јавни службеници според кој тие треба да го почитуваат угледот на институцијата во која работат – велат во министерството за образование и наука.

Аеродром e општина во која од пред неколку години има одлука наставниците да носат униформи за време на наставата. „Лазо Ангеловски”, „Ѓоргија Пулевски” и „Браќа Миладиновци” се училиштата во кои наставниот кадар е униформиран со цел пристојно да изгледа.

Во Србија, во тек се измени на законите за основно и за средно образование со кои се регулираат и новите правилници за кодекси на облекување и однесување во училиштата. Со тоа секое училиште е обврзано да ги спроведува и почитува.

Антонија Поповска-Христов
antonija@fakulteti.mk

Напишете коментар