Врховниот суд одлучи, Едмонд Темелко бил законски лишен од слобода

Share Button

Врховниот суд на Република Македонија донесе пресуда со која го прифати Барањето за заштита на законитоста на СЈО за случајот со приведувањето на градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко. Според пресудата на Врховниот суд, наредбата на СЈО за лишување од слобода на Темелко, обвинет во случајот „Титаник“, е законита.

„Со пресудата на Врховниот суд е потврдено решението на судијата на претходна постапка од 12 февруари 2016 година, со која беше утврдено дека е законита наредбата на ова Јавно обвинителство за лишување од слобода на Темелко. Воедно, Врховниот суд најде дека ова Јавно обвинителство е надлежно за конкретниот случај, дека има овластувања да издаде наредба за лишување од слобода, да раководи со предистражна постапка, да ги насочува дејствијата на надлежните органи и дека ја има на располагање правосудската полиција. Исто така, со пресудата се укажува дека е погрешен ставот на Кривичниот совет дека наредба за лишување од слобода може да издаде само надлежен суд, туку прецизира,  дека основно право и должност на јавен обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела и да ги презема потребните мерки и дејствија“, се вели во соопштението на СЈО.

Темелко на 12 февруари 2016 година, по наредба на СЈО беше лишен од слобода, а од судија на претходна постапка беше побарано да се изрече мерка притвор. Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на истиот суд на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода.

Врховниот суд со пресудата го потврдува решението на судијата на претходна постапка и одлучил дека наредбата на СЈО за приведувањето на Темелко е законита.

Напишете коментар