Кривични пријави за двајца скопјани за кражба на „Ленд Ровер“ во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство  Скопје поднесе кривична пријава против И.Р. (28) и З.Ф. (31), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело – „тешка кражба“, предвидено и казниво по член 236 од Кривичниот законик на Република Македонија. Лицето З.Ф. бил на издржување казна затвор во Казнено поправниот дом Идризово, а делото го извршил кога имал право на дневен излез од затвор.

Имено, на 13-ти минатиот месец, околу 08.40 часот И.Р. и З.Ф. се движеле пеш по улица „Московска“ и, забележале како пред тобако се паркирало патничко возило-џип “Ланд Ровер“ и дека сопственикот влегол да пазари во тобакото, а џипот го оставил да работи. Тие ја искористиле приликата, влегле во возилото, го одзеле и побегнале во непознат правец. Сопственикот ги забележал како влегуваат во возилото и се обидел да ги спречи, се фатил за рачката од совозачката врата за да ја отвори, но пријавените успеале да побегнат.

Веднаш по добивање на пријавата, била започната потрага и возилото со пријавените било забележано и следено од Скопје до с.Ласкарци. По пристигнување во с.Ласкарци, И.Р. и З.Ф. ја намалиле брзината, скокнале од возилото и избегале. Возилото му било вратено на сопственикот, а со направените ДНК и други вештачења било утврдено дека И.Р. бил учесник во настанот.

Тој во целост го признал и појаснил извршувањето на кривичното дело. Исто така од Казнено поправната установа Идризово, во Полициската станица Карпош бил донесен З.Ф., кој бил препознаен од оштетениот.

Напишете коментар