Молитва за Новата Година

Молитва за Новата Година

Молитва за Новата Година

Share Button

Владико, Господи, Боже наш, Ти си извор на животот и бесмртноста, Создател на сите видливи и невидливи созданија. Ти си ги ставил времињата и годините под Твоја власт, Ти владееш над сè. Милостиво прими ја оваа наша благодарност и молба од нас, Твоите недостојни чеда и добросрдечно помилуј нè. Ти благодариме за сите добрини што си ги пројавил кон нас во изминатиот период од нашиот живот и Те молиме, премилостив Господи, преку Твојата благост и со благодатта на Твоето човекољубие благослови ја годината што настапува.

Отстрани од нас секаков Твој гнев поради нашите гревови. Не спомнувај ги, а прости им ги на сите Твои луѓе нивните безбројни прегрешенија и сите волни и неволни гревови што сме ги направиле во изминатата година. Не казнувај нè поради нашите лоши дела, туку спомни си за нас со благост и милосрдие. Изгони ги од нас сите штетни за душата страсти и лоши навики и всади го во нас, во нашите срца, Твојот божествен страв, за да ги исполнуваме сите Твои заповеди. Во нашите срца обнови го Твојот вистински дух. Утврди нè во православната вера и помогни ни да успеваме во вршењето на добри дела. Прекрати ги сите ереси, секти и отстапништва; утврди ги насекаде вистинската вера и благочестивиот живот.

Поврати ги сите што отстапиле од вистинската вера и помогни им да ја познаат Твојата вистина, присоедини ги кон Твојата Света Православна Црква. Во оваа година чувај ја нашата Татковина, нашиот град и сиот Твој свет, од глад, од помор, од земјотрес, од потоп, од град, од меч, од напади на туѓинци, од војна, од смртоносни рани, болести, несреќи и тага. Изгони ги од нашата земја сите непријателства, безредија и меѓусебни борби. Дарувај ни мир, сила и нелицемерна љубов, уреден живот, здравје и успех во секое добро. Испрати ни дождови на времерани и доцни, плодоносна роса, умерени и благовремени ветрови, животворна сончева топлина и земни плодови во изобилство. Милостив Боже, сочувај ја верата, закрепни ја нашата татковина, смири го светот, утеши ги нажалените, излекувај ги болните, крени ги паднатите, врати ги на патот на вистината и спасението сите заблудени. Помагај им на оние што се трудат, вразуми ги неразумните и закрилувај ги сираците и вдовиците.

Удостој нè секогаш да Ти благодариме и да Те воспеваме, Тебе, беспочетниот Отец, со Твојот Единороден Син со Пресветиот,Благиот и Животворен Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

уредник

Related Posts

Центарот на Битола како хорор филм

Коментарите се исклучени на Центарот на Битола како хорор филм

Create Account



Log In Your Account