Битолските бездомници, гладни и премрзнати. Дојде “животот” во Битола!!!

Share Button

Едно ќебе, перница, стар јорган и неколку картони распослани пред деловен објект кој се издава, е живеалиштето на 57-годишниот битолчанец Б.К. , кој скоро две години своето секојдневие го поминува во населбата Карпош, а преживува само од милостината на случајните минувачи и неколкуте пријатели кои му даваат храна. Како што вели, претходно живеел во станот на неговиот татко, но откако неговиот брат го продал станот, сега остана да живее на улица.

„Од Центарот за социјални работи ме одредија сега во бараките на Црвен крст, каде наутро доаѓаат во 8 часот и заклучуваат, па отвораат навечер во 19 часот, а во меѓувреме јас немам каде да одам. Еве почна да врне снег, ми студи и мене, може ќе паднам болен, а тие клуч од бараката не ми даваат. Овде каде што сум, ме врне и ми студи, а немам каде да одам. Пред неколку денови еден човек ме однесе во бараки кои му припаѓале на „Гранит“. Таму ми беше добро и поминав две ноќи, но дојде еден човек кој се претстави како управник, викна полиција, со мене се однесуваа како да продавам оружје и ме избркаа и од таму. Сега сум без ништо. “ – вели Б.К.

Од битолската организација на Црвен крст информираат дека имаат ставено на располагање едно прифатилиште кое за време на ниските температури ќе може да ги згрижи лицата што немаат свој дом и немаат друго место каде би можеле да се обратат и да бидат згрижени. Според информациите од Црвен крст, Министерството за труд и социјална политика обезбеди два подвижни контејнери, кои Црвениот крст ги опреми со кревети, јоргани, ќебиња, перници и сѐ она што им е најнеопходно на бездомните лица. Ова прифатилиште ќе работи во периодот додека траат ниските температури, а капацитетот е ограничен на 6 легла.

Според информациите од надлежните институции, до овој момент во Битола се регистрирани само две бездомни лица, но според неофицијални информации се проценува дека нивниот број е значително поголем. Низ градот секојдневно може да се забележат лица кои талкаат низ улиците во потрага по парче леб и засолниште, барем за овој период од годината, кога температурите во Битола знаат да бидат и доста длабоко под нулата. Лицата кои немаат свој дом, повеќе или помалку им се познати не само на институциите, туку на сите во градот, но барем засега, не се преземени конкретни чекори за решавање на овој проблем.

Информациите до кои дојде ЦИВИЛ Медиа, говорат дека во Битола постојат околу илјада приматели на социјална парична помош, чија висина ни одблиску не е доволна за задоволување на основните потреби во текот на еден месец.

Како што е познато, на почетокот на 2017 година, еден починат бездомник беше пронајден во Битола, а друг со повреди и нарушена здравствена состојба беше префрлен во битолската клиника.

Новогодишните и божиќните празници се денови кои се поминуваат во кругот на најблиските и во топлината на својот дом, а тоа најверојатно ќе биде единствената желба на бездомните лица за наредната 2018-та година.

Марјан Николовски. civilmedia.mk

Напишете коментар