Како Христос одел на гости

Како Христос одел на гости
– Архим. Павел (Груздев)

Во едно место се пронел глас, дека Спасителот ќе дојде во тој град. Самиот Христос. А на оној кој е добар, благочестив човек, ќе му дојде на гости. Тој секој ден и секој час е со нас. А ете кај овој благочестив човек ќе оди на гости.

Една жена редовно одела в црква, секој ден го читала Евангелието, се молела, водела прекрасен живот, но во неа имало гордост. И си говори таа сама на себе: ” Спасителот ќе дојде кај мене, сигурно ќе дојде ”. Ја исчистила куќата, спремила храна. Го чека Спасителот. Го распалила самоварот, јадење зготвила, пирошки напекла, кајгана подготвила, секако бидејќи, Спасителот ќе дојде.

Дошло едно дете-сосед и ѝ рекло :

– Тета Марија, заради Христа, дојди да помогнеш, на мама ѝ е многу лошо. Офка, а јас не можам да ја подигнам.

– Не можам! Кај мене Христос ќе дојде. А ти ми дојде овде со валкани чизми.

Го истерала момчето. Што да се прави. Детето се вратило дома, состојбата на мајка му се подобрила. Слава Ти Господи!

А Марија и понатаму чека, таа цврсто верувала на вистинските Христови зборови. Поминал ручекот. Го нема. Сегде разгледала, го нема Христа. Тогаш дошол селанец од другото село.

– Марија, кравата ни се отелува, ама не ѝ е добро. Ајде, помогни заради Христа, ти знаеш како треба со кравите.

-Оди си, Гостинот само што ми не дошол, го чекам Гостинот.

Го истерала селанецот. Тој дошол дома, кравата се отелила. Добро е.

А Марија го чека Христа, ама никако да дочека. Веќе е доцна навечер. Доаѓа селанец и ѝ вели:

-Слушајте ме, останав вдовец и се пропив. А, како што знаете– ” чашка по чашка – збогум разуме ”. Сета облека ми се искина.

-Бегај, гони се! – го истерала – јас го чекам Гостинот.

Гостинот го нема. На јадењето се налепиле муви, пирошките се стегнале како дрво, во самоварот сиот јаглен изгорел. Го нема Гостинот, Христос не дошол. Заспала.

Гледа во сон. Дошол Спасителот кај неа. Таа вели:

– Господи, ја им верувам на Твоите вистинити зборови, бидејќи секој Твој збор е вистина. И бидејќи рекоа дека Христос ќе дојде, Те чекав.

Тој ѝ вели:

-Да, Марија, Јас заради твојот благочестив живот, заради твојата љубав спрема Божјиот храм, прво кај тебе дојдов. Јас три пати доаѓав и ти три пати Ме истера.

-Господи, па тоа се случило.

-Го читаш ли Евангелието?

-Господи, секојдневно.

-Штом е така, слушај што пишува: ” Болен бев и ме посетивте. ” Го пратив детето за помош, поради неговата мајка, ти го избрка. Јас дојдов кај тебе, а ти Ме истера.

-Не знаев, Господи. А кога беше вториот пат?

-Вториот пат ти дојде селанец и те замоли. Тој селанец Јас го пратив, Јас ја допуштив таа неволја со кравата за да би ја испитал твојата вера. ” Во неволја бев и ми помогнавте ”. А ти Ме истера.

-Господи, не знаев! А третиот пат, кога беше, Господи?

-И третиот пат Јас пак дојдов кај тебе. ” Гол бев и ме облековте ”.

-Не знаев, Господи!

-Како не си знаела! Затоа што е напишано: ” доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле ‘. А ти го читаш Евангелието.

Ете, браќа, од овој пример , од оваа поука, направете пример за себе.

Извор: Доксологија

Напишете коментар