Затворска казна за објавена фотографија на Фејсбук?

Затворска казна за објавена фотографија на Фејсбук?

Коментарите се исклучени на Затворска казна за објавена фотографија на Фејсбук?
Share Button

Ако обвинителството и судот продолжат да прогонуваат за објавени фотографии на полицајци на јавно место, тогаш Република Македонија би се претворила во полициска држава во која на медиумите, активистите за човекови права и граѓаните би им било ускратено да ги документираат полициските активности, што е клучно за спречување на полициски злоупотреби и повреди на права

ВO „ЦРНА ХРОНИКА“ ЗА ОБЈАВЕНА ФОТОГРАФИЈА НА ПОЛИЦАЈКА НА „ФЕЈСБУК“?

Во новинарскиот прилог од рубриката „црна хроника“: „На Фејсбук без одобрение објавил фотографија на полицајка“ (МКД, 10.11.2017) од збор со збор е пренесена следната содржина од билтенот на МВР:

Полициска станица Гевгелија поднесе кривична пријава против К. К. (47) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на лични податоци.

К.К. на 15 октомври во Гевгелија, на улица „Маршал Тито“, во близина на гласачкото место кај „Стар пионерски дом“, со својот мобилен телефон фотографирал полициски службеник, којa била ангажирана за време на Локалните избори 2017, а потоа фотографијата, без нејзино знаење и согласност, ја обработил и објавил како јавно достапна на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

 

ОБЈАВЕНАТА ФОТОГРАФИЈА НА ПОЛИЦАЈКА НА „ФЕЈСБУК“ Е ДЕЛ ОД ПОСТ ВО КОЈ СЕ УКАЖУВА НА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

За што всушност станува збор, откако ќе се прочита „криминалната“ објава на Фејсбук.

На 15 октомври 2017 година, К…. К…. објавува 30 фотографии на својот фејбук профил со критички забелешки и забележани неправилности во врска со изборниот процес.

Во најголем дел од фотографиите се покажани излепени плакати на кандидати на политички партии. На неколку од фотографиите се прикажани лица во автомобили со списоци во рацете. На една фотографија се гледаат пет лица, а лице во цивил во средината на фотографијата држи лична карта во раката, подадена кон една полициска службеничка фотографирана во профил со темни црни очила. На фотографијата не е „тагирано“ името на полициската службеничка.

 

КРИВИЧНА САНКЦИЈА: КАЗНА ЗАТВОР ТРИ МЕСЕЦИ ЗА ОБЈАВЕНА ФОТОГРАФИЈА БЕЗ ЗНАЕЊЕ НА ФОТОГРАФИРАНАТА!

Два месеца по објавувањето на постот со 30 фотографии, обвинетиот е прогласен за виновен од Основен суд Гевгелија, затоа што „сторил кривично дело Злоупотреба на личните податоци по чл. 149 ст. 1 од КЗ“ (Злоупотреба на лични податоци: Тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“).

К.К. е условно осуден на казна затвор во траење од три месеци, а основниот суд Гевгелија од збор до збор ги препишал наводите на јавната обвинителка, кои се содржани и во првичното соопштение на МВР, објавено во рубриките „црна хроника“.

По жалба на осудениот, случајот сè уште се води во македонските судови, па затоа нема да се впуштаме во понатамошни анализи.

 

ЗОШТО КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ОБЈАВЕНА ФОТОГРАФИЈА НА ФЕЈСБУК Е СЛУЧАЈ ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС?

Ако обвинителството може да води истрага и да покренува обвинение (а судот може да изрекува кривична санкција) за „злоупотреба на лични податоци“ при објавена фотографија на Фејсбук, тогаш овој случај ги засега сите корисници на социјалната мрежа „Фејсбук“ кои објавуваат фотографии.

Овој случај посебно ги засега и медиумските работници, затоа што досега не ни се познати случаи во кои ОЈО по службена должност дејствувал кога се објавувани фотографии во медиуми (и на Фејсбук), за време на избори или за време на протести, без знаење и согласност на фотографираните.

 

ДАЛИ Е ЗАБРАНЕТО ДА СЕ ФОТОГРАФИРААТ ПОЛИЦАЈЦИ ПРИ ВРШЕЊЕ НА ДОЛЖНОСТ НА ЈАВНО МЕСТО?

Во македонските закони нема одредби кои експлицитно забрануваат фотографирање полицајци при вршење на должност на јавно место.

Во Кривичниот законик има член за „Неовластено снимање“, но гонењето за ова дело се презема по приватна тужба и клучен елемент е повредата на приватноста. Во случајот со објавената фотографија на полициска службеничка на Фејсбук, гонењето не било по приватна тужба, туку по службена должност, а гонителите и судот тврдат дека со објавата на фотографијата без знаење и согласност на фотографираната (на јавно место, во вршење на службена должност), биле користени нејзините лични податоци.

Прашањето „Дали смее или не смее да се фотографираат полицајци при вршење на должност на јавно место?“ е прилично актуелно и во други држави, па затоа ќе ги пренесеме искуствата од САД и Велика Британија, како и препораките на Венецијанската комисија.

 

ФОТОГРАФИРАЊЕТО ПОЛИЦАЈЦИ НА ДОЛЖНОСТ Е УСТАВНО ПРАВО ВО САД И ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Според American Civil Liberties Union, снимањето на фотографии и видеа на нешта кои се јасно видливи во јавни простори е уставно право, кое вклучува и полициски и владини службеници кои ги извршуваат своите должности.

Судовите на САД го потврдуваат уставното право да се снима полициската активност на јавно место, укажувајќи дека „првиот Амандман го заштитува актот на фотографирање, филмување, или снимање на друг начин на полициски службеници додека ги извршуваат своите официјални должности во јавноста.“

Во Велика Британија фотографите честопати го цитираат (или си го носат со себе) „Упатството за фотографи“, издадено од здружение на полициски службеници (1), во кое се афирмираат права на фотографирање на јавно место. Во ова упатство се потенцира дека медиумите и фотографите аматери играат витална улога, бидејќи нивните фотографии помагаат во идентификувањето на криминалците.

Неприфатливо е ограничувањето на фотографирањето на полициски службеници бидејќи ја подрива јавната доверба во полициските служби:

Мораме да потврдиме дека граѓанското новинарство е карактеристика на современиот живот и полицијаците денес се фотографирани и снимани повеќе од било кога… Откако фотографијата ќе биде снимена, полицијата нема моќ да ја избрише или да ја конфискува без судска наредба. (1)

 

ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРАВОТО ДА СЕ СНИМААТ ПОЛИЦИСКИ ОПЕРАЦИИ

Во „Насоките за слободата на мирен собир“, Венецијанската комисија во 2010 укажува дека

фотографирањето или видео снимањето на полициски операции од учесници и други трети страни не треба да биде спречувано и кое и да е барање за предавање на филм или дигитално снимени слики или снимки на служби за спроведување на законот треба да биде предмет на претходно судско разгледување.(2)

Досега, Здружението на новинари на Македонија има остро реагирано во еден случај на полициско насилство врз новинари за време на протести:

Здружението на новинари на Македонија остро го осудува полициско насилство против новинар и тројца фоторепортери на вчерашниот протест пред канцелариите на претстедателот Ѓорге Иванов во Скопје.

Според ЗНМ:

Професионалните апарати и објективи јасно ги идентификуваат фоторепортерите како новинари на задача. Нападот врз нив е со намера да ги спречи нив да фотографираат кога полицијата интервенира против демонстрантите.

Тогаш ЗНМ сметаше дека

Со насилство против новинари полицијата сака да сокрие од јавноста користење на неселективна и прекумерна сила врз граѓаните. Со тоа полицијата свесно се стави во улога на цензор да одлучува што смее да се информира од протестот.

ЗНМ реагираше јавно и во случај кога:

Учесници на народниот собир на ГДОМ не ѝ дозволиле на новинарката да си ја изврши својата професионална задача, односно да фотографира и да снима од настанот, иако истото не им било забрането (оневозможено) на други новинари.

 

ДАЛИ ПОСТОИ ПРАВО НА ЗАШТИТА НА СОПСТВЕНАТА СЛИКА  И ШТО ПОДРАЗБИРА ТОА ПРАВО?

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) утврдува дека личната слика е еден од главните атрибути на личноста и дека правото на заштита на нечиј лик претпоставува индивидуално право да се контролира употребата на слики, вклучувајќи и забрана за публикување.

ЕСЧП истакнува и дека слободата на изразување вклучува и објавување на фотографии, и дека притоа заштитата на правата и угледот на другите има особено значење, затоа што фотографиите можат да содржат многу лични и интимни информации за некоја идивидуа или нејзиното семејство. (3)

ЕСЧП досега има донесено една пресуда во која укажува дека во конкретен случај (фотографија на бебе во родилиште без дозвола на родителите), е потребно да се добие согласност од засегнатите лица.

Во практиката на Судот можат да се најдат случаи кога полицајци го прекршуваат правото на заштита на сопствената слика (на пример, со овозможување на новинари да фотографираат или снимаат осомничени во полициска станица или давање на фотографиите на медиумите или со давање на фотографија од личен документ на медиуми).

 

ДАЛИ ПОСТОИ ЗАБРАНА ДА СЕ СНИМА ИЛИ ФОТОГРАФИРА ПРЕД И ВО ИЗБИРАЧКОТО МЕСТО?

Во Изборниот законик не постои забрана за фотографирање и снимање пред избирачкото место, па ниту во избирачкото место. Забраните се однесуваат единствено на снимање на гласачко ливче (4) или прекршување на изборниот молк од страна на радиодифузер, печатени медиум и електронски медиум (интернет портал). (5)

Во случајот со објавенaта фотографија на Фејсбук, објавувачот не се суди затоа што го прекршил изборниот молк, ниту заради снимање на гласачко ливче, туку заради тоа што објавил фотографија на полициската службеничка во близина на гласачко место, без нејзино знаење и согласност, односно, „спротивно на условите утврдени со закон без согласност на оштетената ги користел нејзините лични податоци“.

 

ШТО БИ СЕ СЛУЧИЛО ДОКОЛКУ ОБВИНИТЕЛСТВОТО И СУДОТ ПОЧНАТ ДА ПРОГОНУВААТ ЛИЦА ЗА ОБЈАВЕНИ ФОТОГРАФИИ НА ПОЛИЦАЈЦИ ВО МЕДИУМИ И НА „ФЕЈСБУК“?

Ако обвинителството и судот продолжат да го применуваат истиот член од КЗ и почнат да ги прогонуваат сите лица за објавени фотографии на полицајци во медиуми и на „Фејсбук“, тогаш први на удар ќе бидат новинарите и медиумите, кои редовно објавуваат фотографии и снимки од полициски службеници (без согласност од полицајците) за време на избори, протести и на други јавни места.

Втори на удар ќе бидат активистите за човекови права, кои, исто така, објавуваат фотографии од избори и протести во кои се забележливи полициски службеници.

Трети на удар ќе бидат учесниците на протестите и изборите, кои, исто така, објавуваат фотографии на полициски службеници на социјалните мрежи.

Ако обвинителството и судот продолжат да прогонуваат за објавени фотографии на полицајци на јавно место, тогаш Република Македонија би се претворила во полициска држава во која на медиумите, активистите за човекови права и граѓаните би им било ускратено да ги документираат полициските активности, што е клучно за спречување на полициски злоупотреби и повреди на права.

Одличен пример за тоа како граѓанско документирање на полициска активност може да придонесе за јавниот интерес е објавеното видео „Приведени членови на Левица во Скопје“. Иако граѓанскиот новинар бил врзан со лисици откако го снимил видеото, неговото видео послужи како доказен материјал за брзата постапка која ја спроведе МВР против службените лица за пречекорување на нивните овластувања.

Сосем заслужено, видео-прилогот на граѓанскиот новинар доби прва награда на натпреварот организиран од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Новинарите – а истото важи и за граѓаните – треба да се наградуваат кога ќе објават фотографии и снимки од можни пречекорувања на полициски овластувања на јавно место, а не да се криминализираат и да се казнуваат…

 

———————————————————————————————————————-
(1 ) Association of Chief Police Officers of England, Wales and Northern Ireland Communication Advisory Group, Guidance for Photographers,
( 2) Photographing or video recording the policing operation by participants and other third parties should not be prevented, and any requirement to surrender film or digitally recorded images or footage to the law enforcement 4 agencies should be subject to prior judicial scrutiny. (GUIDELINES ON FREEDOM OF PEACEFUL ASSEMBLY, Prepared by the OSCE/ODIHR Panel on Freedom of Assembly and by the Venice Commission Adopted by the Venice Commission at its 83rd Plenary Session (Venice, 4 June 2010)
(3) Видете von Hannover v. Germany (no. 2), Grand Chamber judgment of 7 February 2012, § 103.
(4) Чл 106 ст. 3 од Изборниот законик: „Избирачкиот одбор може да го отстрани секое лице кое при гласањето користи мобилен телефон или апарат за сликање на гласачкото ливче.“
Член 190, ст. 2 од Изборниот законик: „Глоба во износ од 450 до 1.500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на лице кое при гласањето користи мобилен телефон или апарат за сликање на гласачкото ливче.“
(5) Согласно Член 76-б од Изборниот законик, „При известувањето во деновите на изборниот молк, ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават: какви било информации, фотографии, аудио и аудио-визуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите.
Согласно Член 182 (1) „Глоба во износ од 8.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на радиодифузерот, печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал) ако:… го прекршат изборниот молк (член 76-б).“

Жарко Трајановски

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

уредник

Related Posts

Раното откривање на ракот на кожата клучни за намалување на смртноста

Коментарите се исклучени на Раното откривање на ракот на кожата клучни за намалување на смртноста

Синдикатот на новинарите и медиумските работници на Првомајски протест

Коментарите се исклучени на Синдикатот на новинарите и медиумските работници на Првомајски протест

Create Account



Log In Your Account