Меѓаши бара кривична одговорност за лицата кои допуштиле да се случи вакво тешко кршење на правата на детето , за случајот со силуваното девојче

Share Button

Во врска со известувањето на МТСП објавено денес на 19.02.1018 година информираме дека истото го сметаме само како почеток на темелната истрага на целиот случај.
Оставката на директорот на Заводот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, Стевчо Соколовски е очекувана но не смее да остане само на морална одговорност, бараме кривична одговорност за лицата кои на било каков начин придонеле со своето непрофесионално и нечовечко однесување за тешкото кршење на детските права.
Станува збор за навистина тежок случај за кој што треба да следи детална анализа на тоа каде затаил системот, каде се направени пропусти и кој ги направил истите односно кој не преземал соодвети мерки за да го заштити девојчето од сите форми на злоупотреба.
Морална одговорност е само една од одговорностите која ја очекуваме од вработените во институциите на системот на социјална заштита како и на сите оние кои работат за заштита на децата и нивните права.

Но како организација повикуваме и бараме кривична одговорност за лицата кои допуштиле да се случи вакво тешко кршење на правата на детето. Токму затоа ги повикуваме и надлежните институции да покренат соодветни кривични пријави до потенцијалните сторители на ова особено грозоморно дело каде што детето во континуитет и во повеќе наврати било повредувано, сексуално злоупотрбувано и силувано. Исто така, поради тотално неадекватното и неодговорното однесување од страна на МТСП како старател на девојчето,бараме девојчето да се врати во своето семејство и на истото да му се обезбедат психолошка поддршка и материално/економско зајакнување за да може да ги надмине траумите.
Овој случај е повеќе од одраз на нефункционалноста на системот. кој во континутет ја толерирал злоупотребата на детето и како општество не смееме во иднина да дозволиме децата да бидат жртви на нефункционалноста и некоординираноста на институционалниот систем кој постои да ги заштити децата особено во оние ситуации кога нивните родители се неодговорни и немоќни да го направат тоа.

Тимот на Првата детска амбасада во светот -Меѓаши