Адвокатите на обвинетите бараа, судијката не дозволи одложување на „Транспортер“

Со воведни говори на адвокатите на обвинетите во случајот „Транспортер“, во кривичниот суд продолжи главната расправа. На почетокот на рочиштето адвокатот Боро Тасевски повторно побара одложување на расправата за да ги добијат аудиоматеријалите кои се доказ во постапката, поради, како што рече, заштита на правото на еднаквост на правните оружја пред судот. Друг адвокат од одбраната, пак, рече дека имал доволно време да ги види доказите и подготви одбрана. Ова е осмо рочиште за предметот.

Обвинителите од СЈО рекоа дека судот веќе еднаш им ги одбил барањата и нема потреба од повторување на приговорите, како и дека сите материјали им биле уредно доставени. Овие барања, според СЈО, се со цел да се одложи главната расправа. Судијката Добрила Кацарска даде получасовна пауза за судискиот совет да одлучи за барањата на одбраната, по што им ги одби сите приговори.

Во овој предмет на СЈО обвинети се поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20 лица за злоупотреба на службената положба и злоупотреба на околу 360.000 евра за превоз на ученици во Битола. Расправата се води од почеток поради промена на судискиот совет. Претходните рочишта беа одложени поради немање одговор за поднесена жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Извор: Макфакс