Ќосето повторно ги наостри копјата на опозициската и владејачката партија

Ќосето повторно ги наостри копјата на опозициската и владејачката партија. Отстранувањето на споменикот новиот лидер на ВМРО ДПМНЕ го нарече чин на омраза, а партијата на власт ја спореди со ИСИС и талибанците. Мицковски со намера еден ден повторно да го врати Ќосето.

„Тоа е чин кој го практикуваат ретроградни сили како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан. Едно е сигурно, ќе дојде ден овој споменик да биде поставен на местото на кое заслужува. Исто така ќе дојде ден и кога овие што го прават ова ќе се срамат за своите постапки и во тоа ве уверувам“, вели Христијан Мицковски – претседател на ВМРО ДПМНЕ

Владејачката СДСМ возврати. Тие сметаат дека Мицковски нема сила да ја демократизира партијата.

„Христијан Мицковски покажува дека нема капацитет да ја надмине матрицата на делување и функционирање на Никола Груевски. Споменикот дивоградба беше поставен незаконски, без почитување на процедурите и неговото отстранување става крај на насилното, своеволно поставување споменици кои служеа за остварување на криминални интереси, предизвикувајќи поделби меѓу граѓаните“, велат од СДСМ

Осуда за изјавата на Мицковски пристигна и од Либерално демократската партија. Споменикот на Андон Јанев Ќосето беше отстранет откако градежниот инспекторат утврди дека се работи за дивоградба, а градоначалникот Шилегов најави дека очекува повеќе такви решенија. За спомениците дивоградби се огласи и партијата на Ванчо Шехтански.

„ТМРО очекува Петре Шилегов да постапи по одлуката од февруари 2016, која Коце Трајановски не сакаше да ја спроведе и веднаш да го отстрани споменикот на УЧК, кој е дивоградба во Чаир и кој градските власти мора да го отстранат со оглед дека Општина Чаир нема донесено таква поединечна одлука“ – Ванчо Шехтански

И двоглавиот орел е еден од спомениците чиј легалитет беше оспоруван. Град Скопје и општина Чаир ја докажуваа законитоста, но статусот за споменикот се уште е нерешен. Голем дел споменици од проектот Скопје 2014 се истражуваат од Специјалното, но и основното јавно обвинителство, а беа предмет на истрага и на министерството за култура кое констатираше прекршувања на неколку закони при носењето одлуки за поставување споменици. Министерството констатираше дека е спорна законитоста и на споменикот на Мајка Тереза и на Воинот на коњ. На местото на Ќосето ќе никне дрво за човекови права за кое градот Скопје објави дека ќе плати околу 5000 денари.

http://24vesti.com.mk