Премрзнати, прегладнети, без струја и без вода на -15

Премрзнати, прегладнети, без струја и без вода на -15. Вака семејството Рамаданови од Скопје ја поминале најстудената ноќ оваа година. Сузана и Неџат со трите малолетни деца живеат во трошна куќа во близина на Клиничкиот Центар. Кога нема дрва во ќумбето горат и стари алишта за да има малку топлина во собата во која и јадат и спијат. Најтешко и е на мајката кога треба да ги пере алиштата.

-Сега кога имаше снег собрав од снегот се стопи и така перев.  Ладно е, ставав и стара облека, пластика и картони за да се стопли. Навечер палиме свеќи, вели Сузана Алчинова.

Земаат додаток за трето дете, а времено на повик работи само главата на семејството кој и за време на нашата посета бил да заработи 200 – 300 денари. Кога немаат за храна одат до најблиската црква.

-Помагаат и соседите ни носат облека, храна, вода полнам од соседната зграда. Децата бараат, кога имам им купувам, кога нема…вели Сузана.

Иако најголемото дете е осум години не оди на училиште.

-За школо треба да бидат чисти, облечени, не вака, вели Сузана.

-Сакам да одам на училиште, да имам другарчиња, вели малата Разие.

Сузана вели дека за помош се обратиле до Министерството за труд и социјала но се уште не добиле одговор. Денеска пакети со неопходни прозиводи им донесе екипа од скопскиот Црвен крст.

Рамаданови две години се во оваа куќа во која сопственикот им дозволил да живеат привремено. Напролет треба да биде срушена и ова петчлено семејство ќе остане без покрив над глава. Ги оставивме во надеж дека некој ќе се сети на нив  и нема да завршат на улица.

сторија на Сител