Обвинителството отвора истрага за полицајката и пајакот

Основото јавно обвинителство го истражува инцидентот во кој полицајката Јасмина Јаначковска беше нападната од страна на високиот функицонер на ДУИ, Бекир Асани, потврдуваат за „Макфакс“ од ОЈО. Тие велат дека МВР побарало од нив да постапуваат, а, пак, јавен обвинител дал наредба да се приберат податоци и дополнителна документација.

Од Обвинителство не одговараат дали ги добиле снимките од страна на МВР, за кои директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, тврдеше дека ќе ги предадат кај обвинителот.

„Обвинителството го повика и оштетеното лице да даде изјава. Истовремено се преземаат и други дејствија за да се приберат потребни податоци во предметот. По нивно разгледување и анализа ќе следи соодветна јавно обвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од ОЈО.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и полицајката Јаначковска тврдеа дека таа била само вербално нападната.

Камерите за управување со сообраќајот немаат класифицирани информации, со тоа МВР може јавно да ги објави снимките од нападот на полицајката при извршување на службена должност, ова за „Макфакс“ го тврди адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

К. Ландов

изворmakfax