На 30 април во Св. Јован Крстител – слепченски манастир ќе бидат изложени светите мошти на Св. Кипријан Слепченски

На 30 април годинава се празнува Свети Кипријан Слепченски . По тој повод во слепченскиот манастир Свети Јован Крстител изложени ќе бидат светите мошти на светителот.Пред светите мошти на Свети Кипријан Слепченски ќе можат да се поклонат верниците

Во чест на овој светител да се потсетиме на неговото житие

Свети маченик Кипријан Слепченски — македонски православен светител од времето на турското владеење во Македонија. Според досегашните научни сознанија се знае дека Кипријан служел во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Слепче, и дека маченички се упокоил на Велигден во 1780 година. Се претпоставува дека бил на возраст од околу 60 години. Игуменот Кипријан бил погребан во дворот на црквата во Слепче. Во рамките на подготовките за кантонизација на игуменот, се испитува дали овој новомаченик водел потекло од слепченскиот крај. Досега не постои пишан документ за неговото место на раѓање. Во тек е изработката на неговата икона што се изработува во сестринското ателје на манастирот Слепче.

За маченичката смрт на Kипријан има вреден запис на македонски народен говор, зачуван од 1780 година. Непознат автор овој текст го допишал во многу постаро евангелие, поточно во „Четвороевангелие“ од 1548 година на познатиот македонски книжевник Висарион Дебарски. Во вметнатиот запис на непознатиот автор пишува дека во 1780 година „среде лето се стори скапија, пченицата помина килото дванаисет гроша, а хршта помина килото осом гроша и раната за имајнето се стори скапа, сеното помина по три.“ Во записот понатаму е напишано дека Турци го ограбиле манастирот во Слепче и го спалиле игуменот. Записот наведува:

Во априли месец на ден Велики Четврток на вечерта влегоа харамии Турци колунци и фати игумена Купријана и го мачеа со оган го гориа за аспри и аспри немаше да мо дадит три дни бист на велик ден почина.

Запишано е дека арамиите при грабежот од манастирот украле и свети мошти со сребрена кутија, која чинела 120 гроша, три икони, бакар, руба и се што пронашле во храмот однеле во тогашниот Монастир (Битола). Записот е значаен не само од историски аспект, туку и од јазичен, зашто бил напишан на македонски народен говор од централно македонско наречје. Денес, Висарионово „Четвороевангелие“ се наоѓа во Народната библиотека во Белград, Србија под број Рс 102. Манастирот во Слепче бил познат книжевен и преведувачки центар. Овде книжевната дејност се појавила во 11 век и осум века се создавале вредни ракописи. За жал, овој вреден скрипториум бил разграбан во 19 век и ракописите однесени во Русија, Србија, Бугарија и на други места.

Свети Кипријан Слепченски од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на редовна седница одржана на 24 февруари 2017 година одлучил канонизацијата да се одржи на 30 април 2017, датумот на неговото упокојување во 1780 година. така и беше на 30 април 2017 година . Церемонијата беше одржана  во манастирот „Свети Јован Претеча“, местото каде што служел како монах и каде што се упокоил.

На денот на канонизацијата на првиот новомаченик на подрачјето на областа Демир Хисар, во дворот на манастирот во Слепче,започна изградбата на три нови објекти, меѓу кои и параклис за светецот Kипријан.

Годинава на 30 април денот на светителот во слепченскиот манастир ќе бидат изложени светите мошти на свети Кипријан за поклонение

подготви:Снежана Анеска