Селмани: Објавите на Мактел не заслужуваат никаков коментар од новинарско здружение затоа што немаат никаква врска со новинарство

Share Button

Објавите на Мактел поврзани со приватноста на двајца македонски граѓани не заслужуваат никаков коментар од новинарско здружение затоа што немаат никаква врска со новинарската професија, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари.

Селмани вели дека ги охрабруваат оштетените граѓани да си ги одбранат своите права пред надлежните институции и ги повикува полицијата и Јавното обвинителство брзо да постапат по пријавите на оштетените со цел одговорните да се изведат пред лицето на правдата бидејќи во спротивно, ќе бидат соучесници во ваквото непримерно однесување во јавниот дискурс.

– Единствена легитимација на еден новинар е почитувањето на Етичкиот кодекс,  а промоцијата на јавниот интерес го јакне неговиот кредибилитет. Оние што брутално и во континуитет ги кршат етичките стандарди на оваа слободна професија, сами се исклучуваат од еснафот. Ваквите обиди на злоупотреба на новинарството преставуваат најпримитивна форма на дискредитација на слободата на говорот и ги нарушуваат правата и слободите на граѓаните – додава Селмани.

 

Селмани нагласува дека сака да ги предупреди огласувачите во иднина да внимаваат на кои сајтови објавуваат огласи затоа што имаат општествена одговорност да поддржуваат професионално новинарство.

Блаже Дарудов-slobodenpecat.mk