Штипскиот суд одлучи: Игор Спасов ќе се лекува во Идризово, а не на слобода

Share Button

Поранешниот специјалец Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски до полноќ треба да се врати во затворот Идризово.

Штипскиот суд донел одлука, да не му го продолжи престојот на слобода поради лекување, со кој привремено му е прекината затворската казна. Решението на кривичниот совет е донесено денеска. ТВ 24 дојде до одговорот од Судот во кој пишува дека судиите процениле дека не постои дијагноза која е итна и бара болнички третман. Судот му порачува дека може да се лекува и додека е во затвор.

„Од увидот во медицинскате документација доставена од осудениот произлегува дека не постои дијагностицирано заболување чие што лекување е од итен карактер и бара болничко лекување во здравствена установа. Испитувањата на кои што осудениот е упатен може да се спроведат и преку затворската установа, каде што истиот ја издржува затворската казна преку соодветно упатување или спроведување до соодветна здравствена установа“ – се вели во решението од ОС Штип.

Откако судија за извршување санкции го одбил неговото барање, Спасов се жалел дека му треба уште време на слобода за важни прегледи. На контрола треба да се јави за три дена во штипската Клиника каде што му била земена биопсија. Во меѓувреме почнал и со физикална терапија, а на Клиниката за неврохирургија треба да се појави на преглед кон крајот на август.  Но, судот му порачува дека испитувањата можел да ги направи од 22 јуни кога е пуштен, се досега.
Првично судот му го овозможил прекинот на затворската казна поради дијагностицирање на тумурозна формација, информираа од Управата за извршување санкции.

Поранешниот „Тигар“, издржа половина од затворската казна, односно седум години, за убиство со умисла на Мартин Нешкоски за време на изборната прослава во 2011-та.
Спасов тогаш го обезбедуваше премиерот Никола Груевски. За време на судскиот процес негираше дека го сторил убиството. Неговото семејство бараше и командна одговорност, а кривичните пријави кои беа поднесени за раководството беа отфрлени бидејќи немало докази.

Доколку Игор Спасов до 12 на полноќ не се појави на затворската капија, ќе биде распишана потерница по него.