Општинското финансирање на медиуми – скриено субвенционирање и влијание

AJM

Дел од општините доделуваат финансиски средства во медиумите за медиумски простор, но и за информирање и следење на нивните активности, покажуваат последните податоци во медиумите. Општините треба да престанат да одвојуваат средства за купување рекламен простор како форма на скриено субвенционирање кое неизбежно води кон влијание врз нив, предупредуваат познавачите.

Најмалку четири општини лани и годинава исплатиле средства во повеќе медиуми за медиумски простор, како и за информирање за редовните активности на општината. Според податоците на агенцијата Макфакс, општините Гостивар, Тетово, Кавадарци и Куманово имале исплати на финансиски средства кон различни локални комерцијални медиуми, додека општина Струмица одговорила дека тие не предвиделе пари за доделување на приватни медиуми за 2017 и 2018 година.

Ваквата пракса треба да престане поради тоа што отвора можности за влијание врз медиумите, велат познавачите. Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми вели дека општините треба да престанат да одвојуваат средства за купување рекламен простор, како форма на скриено субвенционирање, дури и да не е планирано и да е со најдобра намера, бидејќи тоа има неизбежното влијание врз работата на локалните медиуми, вклучително и начинот на кој известуваат.

„Македонскиот медиумски пазар е презаситен и потфинансиран, односно, далеку од можноста само од комерцијални активности да се издржуваат околу 120 радиодифузери, 15-тина печатени изданија и онлајн медиуми (информативни или забавни) на кои безмалку и не им се знае бројот.

Серија структурни проблеми – од големината на достапните рекламни колачи до начинот на кој се распределуваат, преку амбициите и намерата на сопствениците да ги користат своите медиуми за поддршка на своите други деловни потфати, главно пристап до тендерите за јавни набавки од најразличен вид, преку структурата на рекламната индустрија и потребите на нашите огласувачи – ги прават медиумите ранливи дури и на најмал економски притисок, при што за нивни услови големите суми со кои располагаат разни нивоа на организација на власта (во овој случај, локалната самоуправа се преголем предизвик и огромно искушение. Особено ако знаеме дека добар дел од таквите пари се достапни во форма на договори за „промоција на активностите на општината“ или слично формулирани основи, што во старт упатува на можноста за влијание“, вели Георгиевски.

Тој потенцира дека за да се помогне процесот на консолидација на пазарот и негово сведување на бројот и видовите на медиуми што тој објективно може да ги поддржи, треба да се елиминира пристапот до сите непазарни и некомерцијални приходни линии.

Според податоците на агенцијата, Општина Гостивар лани дала околу 30 илјади евра во дваесетина медиуми, додека во 2018 предвидела околу 32 илјади евра. Општина Тетово лани и годинава предвидела околу 10 илјади евра, општина Куманово лани исплатила околу 31 илјади евра, а годинава предвидела околу 32 илјади евра. Според овие податоци, Општина Кавадарци лани предвидела 35 илјади евра за ставката за ТВ и радио, додека годинава предвиделе околу 11 илјади евра.

Општините информираат дека средствата најчесто се наменети за медиумско покривање на настани и активности поврзани со работата на општината, како и тековни случувања кои се однесуваат на тие теми, што е всушност дел од секојдневната работа на медиумите.

„Дел од општините со едни податоци за медиумите, други за граѓанските организации

Две општини дадоа целосно различни податоци во одговорите за медиумите, а различни одговори на Барањата за слободен пристап до информации кои ги пратило Здружението на новинарите на Македонија, информираат оттаму.

Во податоците кои ги објави агенцијата Макфакс, општина Струмица одговорила дека тие не предвиделе пари за доделување на приватни медиуми за 2017 и 2018 година, додека општина Кавадарци одговорила дека тие лани предвиделе 2.200.000 денари под ставката постапка за ТВ и радио, а годинава за таа ставка предвиделе 700.000 денари.

Од ЗНМ пак информираат дека до нив во одговор на слично Барање за информации, општина Кавадарци одговорила дека од буџетот за 2018 година има предвидено 1.956.582 денари под ставката постапка за тв и радио.

Од општина Струмица пак, на ЗНМ им одговориле дека тие за разни намени во медиумите во периодот јануари-јуни 2018 година имале потрошени 593.540 денари.

Ги прашавме двете општини на што се должат ваквите разлики во одговорите испратени до медиумите и невладините.

Од Општина Струмица сега велат дека тие во Буџетот, како за 2017 година, така и за 2018 година во ставката Тековни резерви (разновидни расходи) имале предвидено 1.600.000 денари, финансиски средства за плаќање на тековни обврски по фактури што значи дека овие средства се користат за намирување на обврски по последователни склучени договори со медиумите, а не на однапред планирани обврски.

„Поради сето погоре наведено, како и поради фактот што ЗНМ во своето барање прашуваат колку пари од буџетот на општината се потрошени, а не колку пари има предвидено општината за доделување на приватни медиуми (како што е наведено во Вашето прашање), се должи разликата во одговорите“, велат оттаму.

Од општина Кавадарци со сличен одговор, велат дека различните податоци биле дадени бидејќи прашањата биле различно поставени.

„ЗНМ имаат формулирано едно сосема поразлично прашање кое освен овие три работи вклучува и разни намени, како огласи, весници и слично, затоа е и таа разлика во буџетот. Одговараме на две сосема различни прашања“, велат оттаму.

Но сепак, нејасно е зошто има разлики во нивните одговори бидејќи со прашањата испратени до нив во Барањето за сторијата објавена на Макфакс исто така се бараат сите средства кои тие ги доделиле на медиумите, односно колку пари за лани и годинава предвиделе за доделување на приватни медиуми и колку од парите биле реализирани, како и за што конкретно биле наменети овие средства. Исто така и кои медиуми и по колку финансиски средства добиле, како и врз основа на кои критериуми биле доделувани парите.

Од ЗНМ велат дека тие за случајот ќе поднесат жалби до Комисијата за Заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

„ЗНМ испрати 81 барање до општините според Законот за слободен пристап каде прашува колку пари тие давале за услуги на медиумите и новинарите во првата половина до 2018 година и колку планираат да дадат до крајот на годината со цел да имаме годишен пресек. Податоците ги анализираме, но од тоа што во моментов го знаеме е дека повеќе од половина општини ги финансираат локалните и регионалните медиуми, иако Владата донесе одлука за забрана за јавни кампањи.

Третина од општините се уште немаат одговорено во рамки на законскиот рок, а дел од општините кога ќе се споредат бројките што ги има ЗНМ и оние кои ги објавија некои медиуми, лажат дека не даваат средства на медиумите односно дека даваат помалку, како што е примерот со општина Струмица и Кавадарци. За ова, но и за неодговарањето на дел од општините ќе поднесеме претставки до Комисијата во моментот кога таа ќе биде функционална, зошто од мај 2018 година истата функционира само со два члена од предвидените пет и нема кворум за работа со што се оневозможуваат граѓаните да се жалат во случај кога администрацијата молчи или дава податок за кој постои сомнеж дека не е точен“, истакна директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Комисијата во моментот ги прима жалбите на засегнатите граѓани преку стручните служби, и постапуваат по предметите со предлог решенија, но не можат да донесат конечни решенија поради тоа што таа не е во полн капацитет.

ЗНМ годинава потпиша Меморандум за соработка со КОМПСИ за да се подобри нивната соработка со новинарите. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, јавно го повика Собранието на РМ да ги избере и преостанатите членови на Комисијата за таа конечно да биде во целосен состав и да биде функционална, но за тоа се уште нема слух.

Оваа активност е дел од проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Кристина Озимец, новинар

17 август 2018 година, Скопје

AJM, Skopje, 17/08/2018