МВР: ЗЛОСТОРСТВОТО ВО ПРИЛЕПСКО Е РАСЧИСТЕНО, ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Министерството за внатрешни работи денеска преку соопштение категорично ги отфрла, како што наведува, сите невистини изречени на денешната прес – конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, околу завчерашното злосторство во прилепско, не само од аспект на злонамерните и неточни информации по однос на самиот настан, туку, се додава, и поради обидот со измислици и маниупулации да се внесе страв меѓу граѓаните.

 

– Како и многу пати претходно, уште еднаш повторуваме дека времето на партиско-штабски критериуми, како и вулгарното злоупотребување на институцијата завршија. Сега МВР работи професионално, а резултат на професионалната работа се расчистените убистваа како ова во прилепско, така и она во Велгошти, Дебар и други случаи. Злосторниците сега одговараат за своите злодела, се наведува во соопштението.

Воедно, во демантот се додава дека, како што и е познато на јавноста, настанот во прилепско веднаш беше расчистен, сторителот, односно осомниченото лице беше откриено и приведено неколку часа по свирепото злосторство, и со кривична пријава предадено на надлежното ОЈО. На јавноста и беа презентирани сите релеватни, но и со закон дозволени информации, согласно Законот за кривична постапка и согласно надлежноста на Обвинителството по однос на кривично-правниот настан.

Од МВР со апел уште еднаш до сите политички субјекти, да престанат со ширењето лаги во интерес на стекнување на политички поени, стои во соопштението.

(Видео) Арсовски: Бруталното убиство кое го изврши полицаец, покажува дека во МВР ништо не функционира

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски мора да понесе одговорност. Ова што ѝ се случува во полицијата е дно дна, порача Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Вакво свирепо убиство ретко се гледа дури и на филм. Да изрешетате човек и потоа да го запалите е неверојатно брутално злосторство кое покажува дека во МВР ништо не функционира. Не се води сметка ниту за психичката состојба на вработените, ниту пак се врши контрола или пак се санкционира незаконското постапување на полицијата. Со други зборови хаос и безредие на сите нивоа на министерството.

Отворено прашуваме, зошто МВР не ги соопшти мотивите на бруталниот убиец? Дали мотивот се пари и изнуда? Дали истиот тоа го правел и претходно и му било редовна пракса? Како е можно МВР да нема макар оперативна информација или сомнеж за криминалот на својот вработен? Како тогаш граѓаните да очекуваат дека Спасовски е способен и има волја да собере информација и да се бори со било каков криминал кога не знае што му се случува внатре во министерството со кое што раководи и воедно го одобрува истото?

Што се однесува до бруталноста на злосторството, МВР мора да одговори дали нивниот убиец ги минал задолжителните медицински прегледи? Кој го пуштил? Дали тоа биле неговите партиски колеги од министерството?“ вели Арсовски.

Според него, тоа што се случува во МВР е срамно. Цената на хаосот, како што вели, ја плаќаат недолжни граѓани, кои се чувствуваат исплашени, несигурни и се загрижени за својата безбедност и безбедноста на своите најблиски.

„Што уште треба да се случи за Спасовски да понесе одговорност? Треба ли да гледаме организирани банди од МВР или масовни убиства извршени од полицајци низ целата држава? Министре Спасовски, време е да си заминете. Да си заминете уште веднаш. Три години сте во министерството. Зад вас нема ниту една единствена реализација. Единствено што ве следат се скандалите“ изјави Арсовски.

Нарушена е јавната безбедност, со СДСМ на власт на улиците царува криминалот, и мафијата на улиците, убиствата, грабежите и сите други останати видови на криминали кои станаа наше секојдневие, граѓаните се загрижени. Ова безредие и хаос мора да запре. Полицијата мора да повторно да биде во служба на граѓаните. СДСМ мора да си замине уште веднаш, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.