Највкусниот домашен ајвар кој некогаш сте го пробале

Домашниот ајвар е омилената зимница во сечиј дом, па токму затоа овој проверен рецепт без сомнение ќе ве израдува

 

Потребни состојки:
  • 10 килограми црвени пиперки
  • 3 големи патлиџани
  • 500 милилитри масло
  • 1 голема лажица шеќер
  • Сол (по вкус)
Начин на подготовка:

Испечете ги пиперките, па потоа излупете им ја кората и исчистете ги семките. Оставете ги да се оладат, а потоа ставете ги на цедило околу час, два со цел убаво да се исцедат. Во меѓувреме испечете ги и патлиџаните, па излупете ги и нив и исцедете ги. Откако ќе завршите со сè до тука, ставете ги пиперките и патлиџаните во апарат за мелење месо и добиената смеса ставете ја во голем лонец. Почнете полека да варите.

Смесата мешајте ја што повеќе, а за време на варењето постепено додавајте масло, по 100 милилитри на секои 20 минути. Имајте на ум дека маслото не смее да избие на површината. На околу 20-тина минути пред крајот од варењето, додајте ја и солта и шеќерот. Доколку сакате да знаете дали ајварот е готов, поминете со лажица по дното – ако таа остава зад себе трага во која можете да го видите самото дно, готов е. Подгответе ги теглите така што ќе ги ставите во печка на 50 степени, а потоа тргнете го ајварот од оган и почнете да ги полните.

Откако ќе ги наполните, на врвот од секоја тегла додајте малку масло и добро затворете ги со капак. Држете ги сите на едно место, прекриени со фолија или крпи. Откако ќе помине еден ден, однесете ги на ладно и мрачно место.