Роналдо симнат од врвот, Модриќ е најдобар играч во светот! (ФОТО)

Денеска се одржа церемонијата за доделување на наградата на ФИФА за најдобар играч во светот, а во потесна конкуренција беа Мохамед Салах, Лука Модриќ и Кристијано Роналдо, кој не присуствуваше на настанот.

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација игра најдобар фудбал досега во кариерата, а во 2018. година освои голем број награди. Беше избран за најдобар играч на Светското првенство  (СП) во Русија на кое со Хрватска го освои второто место, УЕФА го прогласи за најдобар играч во Европа, а беше избран и за најдобар играч за врска во Лигата на шампиони.

Модриќ на Мундијалот постигна два гола. Тој е седмиот фудбалер во историјата, кој ја освои „Златната топка“ на СП, а не ја освоил шампионската титула.

Хрватот на 12 натпревари по ред нема добиено жолт картон на Мундијалот, а направи вкупно 12 прекршоци.

На натпреварот против Русија, Модриќ имаше 102 точни додавања, а тоа е најголем број за било кој хрватски играч во историјата на Мундијалот.

Модриќ годинава беше по шести пат прогласен за најдобар хрватски фудбалер, па така се израмни со легендарниот Давор Шукер по бројот на награди.