ВО НЕДЕЛА Е ПРАЗНИК НА ЉУБОВ, ВЕРА, НАДЕЖ И МАЈКАТА СОФИЈА

 Во недела се празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки Вера, Нада и Љубов, ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.

Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Таа и додека бил жив нејзиниот сопруг и подоцна кога останала вдовица живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов.

Светата црква Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа е заслужна за воспитувањето на своите ќерки, а и страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.

Денешниот празник е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки. Се верува дека девојчињата треба да ги израдувате со некој подарок, колку и да е тој скромен. Ќе биде доволно да им посветите внимание и да им покажете колку ги сакате.

Исто така, како имињата на девојчињата, Љубов, Вера и Нада, станаа симбол на секој христијанин, народот смета дека на денешниот ден треба да се воздржите од секакви зли мисли и да се посветите на љубовта кон ближните.

Именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.