Марија Симеонова – жетварска убавица за 2018 година

17-годишната Марија Симеонова, ученичка во кочанската гимназија, е избрана за жетварска убавица за 2018-та година. Таа ги освои гласовите на петчленото жири кое одлучуваше на традиционалниот избор што се организира во рамки на културната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.

Од  дванаесетте девојки што учествуваа на годинашниов избор, за прва придружничка на жетварската убавица беше избрана Вања Дојчинова, а за втора Благица Христоска.

Трите најубави жетварки ќе учествуваат во обичајот зажнејување што во присуство на делгации од повеќе држави и амбасади ќе се изведе утре, 29 септември, на нива во Институтот за ориз во Кочани.