На здравје ручекот, господине. Само пази да не се задавиш од скапите пршути

Share Button

Сабота, редица во месарницата. Додека трпеливо чекаме да нè услужат, еден господин веќе ја прави својата нарачка, толку гласно што се слуша и низ стаклото, дури до улицата.

Повеќе од очигледно е дека сака да ни даде до знаење дека има истенчен вкус, толку истенчен како скапата пршута исечена како „ливче хартија“ според неговите побарувања. Па месо зреено толку месеци, па некаква специјална салама што ја носеле само за него… да не бил тој, никој немало ниту да помисли да го купи тоа парче, хехе.

 

Се подзавртува да види дали остава некаков впечаток на толпата која културно си чека, ама ние сме незаинтересирани, ете, не се воодушевивме што потроши половина минимална плата на месо и сувомесни производи.

Немаше ниту да ја знаеме сумата на неговата сметка доколку три пати не ја повтореше гласно: Значи толку е сметката… аха. Значи да платам толку? Нема проблем, еве ви толку пари!

Додека плаќа, доаѓа на ред една бабичка. Слабичка, со лице прошарано со брчки и мака. Облечена скромно, во изветвени алишта и обични пластични влечки, си пребројува нешто во ќесето и тивко воздивнува.

 

Бара 4 парченца од некои тенки колбаси. Килограм од тие колбавчиња чини 100 ден. Впрочем, тоа е веројатно најевтиното нешто во месарницата. Продавачите ја познаваат, па ја предупредуваат дека колбасот е малку засушен, не се продава баш многу.

„Ако пиле, не е проблем. Ќе го спржам и ќе омекне. Ќе сварам и компирчиња, ќе направам малку пире за со колбасот, ќе ми дојдат внучињата на ручек“, си зборува бабичката и лицето некако и се оѕарува со топлина и љубов, со мекост која ги пополнува старечките брчки и прави да изгледа сјајна.

„Тууу, чекате ред и правите гужва за промет од 100 денари? Ајде ве молам тргнете се, дадете им предност на тие што сакаат да купат повеќе!“

 

Го слушаме гласот на господинот и конечно го добива нашето внимание. Сите го погледнуваме отпрвин зачудено, а зачуденоста полека преминува во лутина и бес кои се леат од нашите лица.

„За свои пари госпоѓата може да си купи што сака!“, дофрлува човекот којшто стои пред мене.

Господинот конечно си го прибира кусурот и фркнува со носот. Можеби очекуваше аплауз за неговото надмено и некултурно однесување. Или да му се поклониме, не знам.

Бабичката само се насмеа. Достоинствено си го плати колбасот со однапред преброените ситни пари и си излезе. Брза, ќе оди да прави ручек за внучињата. Ќе се изгушкаат и ќе ѝ се исполни куќата и душата со топлина.

На ваквите како господинот душата им е гнила, скапана. Оддалеку смрди, никакви скапи алишта ниту силни парфеми ќе ја покријат таа внатрешна ’рѓа која полека те јаде.

Таа надменост, таа ароганција која ја покажувате пред оние со кои животот и судбината си поиграле прилично несреќно… ве прави ли среќни? Ви го прави ли денот? Ве исполнува ли со задоволство, која е сатисфакцијата да понижиш некого, особено стари луѓе кои пензионерските денови ги поминуваат крајно недостоинствено во држава како нашата.

 

Убаво ли ви е, си заминавте ли среќен и задоволен? Така ли ги учите и вашите деца, да гледаат од високо на сите што имаат помалку, да плукаат и да газат врз луѓето без никаква грижа на совест, уништувајќи им го и последниот атом на човечко достоинство?

На здравје ручекот, господине. Само пази да не се задавиш од скапите пршути.

 

Извор: Црно бело.мк