Богојески потврди дека е разрешен од функцијата: Јас сум за демократија, тие за криминализација на ВМРО

Реформаторот Петар Богојески потврди дека е разрешен од функцијата заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на Извршниот комитет.

„Ја поздравувам одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ во врска со мојот активизам во раководните структури, но не и во партијата. Искажувам благодарност што сум ослободен од одговорноста што ја носев на себе и ја пренесував врз другите луѓе во Иницијативата за реформи. Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на партијата на принципиелни основи“, пишува Богојески на социјалните мрежи.

„ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас. Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за каков било компромис. Мојата максима беше и останува ‘Да изгубиме сите, а да добие Македонија!’ Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ со или без овие политички елити на македонската политичка сцена. Јас сум подготвен на сè само Македонија да излезе од балканскиот кружен тек и да земе правец за Европа! Мотивирани и сигурни во нашата вистина, продолжуваме понатаму со уште поцврсти и порешителни чекори за реформи и обнова на партијата“, додава Богојески.