Бог е со мене и ништо не може да ме сопре, вели Нурмагомедов

Еден од најдобрите УФЦ борци, Ирецот Конор Мекгрегор, викендов се враќа во октагонот по двегодишна пауза. Контроверзниот Ирец ќе ги одмери силите против Хабиб Нурмагомедов за титулата светски шампион во лесна категорија.

Мекгрегор последен пат се бореше во ноември 2016 година против Еди Алварез кога ја освои шампионската титула, но истата му беше одземена бидејќи не ја бранеше во предвиденото време.

Мекгрегор на првата прес-конференција пред борбата испрати неколку навреди кон Нурмагомедов, што е сосема очекувано кога станува збор за контроверзниот Ирец. Тој вели дека неговиот противник е кукавица бидејќи не излегол од автобус кој Мекгрегор со своите луѓе го нападна во април годинава во Бруклин, САД.

  • Тој е жив мртовец. И понатаму е кукавица и тоа не е ништо ново. Ќе му ја скршам главата и повторно ќе го подигнам шампионскиот појас. Нека се подготвува за првата рунда, бидејќи повеќе нема да трае, истакна Конор.

Пред борбата која е закажана за денеска Ирецот влегува во кафезот со скор од 21 победа и три пораза.

  • Тој нека се подготвува за една рунда, најмногу една и пол. Јас размислувам на поинаков начин и подготвен сум за легендата во овој спорт. Бог е со мене и ништо не може да ме сопре, изјави Нурмагомедов.