Незадоволни од најавената измена на тарифата за превоз на патници, битолските превозници излегуваат на протест

Share Button

Пишува: Зоран Милошески

Превозниците кои вршат јавен превоз во општина Битола, односно општински линиски превоз на патници и ученици, реагираа по најавата дека со одлука на Советот на Општина Битола, ќе се направат измени и дополнувања на тарифата за општински линиски превоз на патници.

Незадоволни од најавената измена, битолските превозници во понеделник во знак на протест, ќе ги паркираат своите автобуси пред општинската зграда. Тие велат дека не се консултирани за предложените измени на тарифата, со што, како што истакнуваат во својата реакција, бил заобиколен најавениот партнерски однос во организирањето и спроведувањето на превозот.

„Во време кога се зголемуваат трошоците за гориво, осигурување, регистрација и набавка на возила, нејасно е кој е мотивот и причината, како и економската исплатливост да се врши измена на тарифата. Со предложените решенија, нам како на превозници ни се предизвикува ненадоместлива штета, што е спротивно на економските законитости и услови. Заради тоа, во случај да бидат усвоени предложените измени и дополнувања, ве известуваме дека нема да бидеме во можност да продолжиме со вршење на превозот. Остануваме подготвени да ги исполнуваме договорните обврски, но согласно важечките договори и постојната тарифа. Секоја измена на тарифата значи повреда на важечките договори. Ние не сме подготвени тоа да го прифатиме и доколку ни наметните обврска да го вршиме превозот по новата тарифа, ќе прекинеме со вршење на превозот поради економска неисплатливост“, се вели во соопштението кое битолските превозници го испратија до градоначалничката Наташа Петровска, до Советот на Општина Битола и до сите основни и средни училишта во градот.

Протестот ќе се одржи во понеделник, од 9 до 11 часот и за тоа време редовните автобуски линии нема да сообраќаат. Седницата на општинскиот Совет на која треба да се донесат најавените измени, е закажана за истиот ден, понеделник 8.октомври, со почеток во 10 часот.

извор publikum.mk