На 16 октомври ќе се гласа за промена на Уставот – кој ќе го поддржи Заев?!

На 16 октомври, во вторник, Владата планира гласање за уставните амандмани, кои веќе се во владина процедура. Планот е оваа точка да се најде на дневен ред, а доколку не добие двотретинска поддршка, што е многу веројатно, веднаш да се пристапи кон гласање за вонредни парламентарни избори. Деновиве во игра се преговори и за техничка влада со мандат од 45 до 60 дена. Конечната одлука се очекува да биде донесена до крајот на оваа недела, а неофицијални партиски извори откриваат дека датумот за евентуални предвремени избори би можело да биде поместен, па тие да се одржат на 2 или на 9 декември.

 

На 16 октомври, во вторник, Владата планира гласање за уставните амандмани, кои веќе се во владина процедура, објавија дел од медиумите повикувајќи се на собраниски извори. Планот е оваа точка да се најде на дневен ред, а доколку не добие двотретинска поддршка, веднаш да се пристапи кон гласање за вонредни парламентарни избори.
До доцна вечерта на вонредна седница владиниот кабинет на Илинденска ги разгледуваше можностите за излез од постреферендумската криза, како и Предлог измените на Уставот кои произлегуваат од договорот со Грција. За менување на Уставот неопходно е двотретинско мнозинство во Собранието, или 80 од вкупно 120 пратеници.
Преговорите според извори од партиите се уште траат, но до овој момент и власта и опозицијата цврсто остануваат на нивните ставови.
Професорот Ненад Марковиќ во интервју за Дојче Веле смета дека најбезболно решение е обезбедување на двотретинското мнозинство.
-За жал на македонската демократија, најдобро решение е кога би се пронашло 2/3 мнозинство за уставни измени. Поболното решените се избори на кои веројатно ништо ново нема да дознаеме. Шансите на нив ВМРО-ДПМНЕ да изненади со освојување на најмалку 61 пратеник се подеднакво мали, колку и можноста СДСМ и коалициски партнери да освојат 2/3 мнозинство. Не е многу важно дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има 59 или 41 пратеник, секако, во перспектива на брзо решавање на кризата. Важно е само во однос на тежината на пазарењето отпосле, односно политичкиот лост кој би им бил на располагање, вели Марковиќ.
Собраниски извори брифираат дека седницата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница за пристапување кон уставни измени ќе бидат закажани веднаш штом предлогот пристигне во архивата на Парламентот, а се очекува тоа најрано до утринава.
Според Деловникот, Комисијата за уставни прашања има рок од 10 дена да расправа за предлогот за пристапување кон уставни измени и дека расправата на пратениците за време на претресот на Комисијата е ограничена.

 Избори само ако е неопходно

Во исто време, премиерот Зоран Заев преку грчки „Еуроњуз” порача дека на Македонија не и се потребни избори, и дека избори ќе има само доколку се неопходни.
– На Македонија не и се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки на НАТО. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, освен ако не е потребно. А секако, ако распишеме избори очигледната цел ќе биде 2/3, односно 80 пратеници – вели Заев и објаснува дека, според анализите, во случај на избори владата ќе добие мнозинство.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму на ставот дека нема да поддржи уставни измени.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев да излезе на избори и да се откаже од штетниот Договор со Грција.
„Заев, откажи се од штетниот Договор со Грција и ајде на избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи обвинителство кое вистински ќе се бори против криминалите. Наместо заштитник стани противник на криминалот”, посочи Мицкоски на Твитер.

 Нови рокови

Во случај роковите предвидени за евентуални предвремени парламентарни избори да бидат пробиени, односно тие да не може да се распишат до 10 октомври, а да се одржат на 25 ноември, неофицијални партиски извори откриваат дека датумот би можело да биде поместен, па тие да се одржат на 2 или на 9 декември.
Медиумите, повикувајќи се на неофицијални извори, пренесуваат дека во игра се преговори и за техничка влада со мандат од 45 до 60 дена. Се очекува одлука да биде донесена до крајот на оваа недела, а распишувањето на евентуалните вонредни избори би се случило на 16 октомври.