Препорака за сите православни христијански мајки:МОЛИТВА НА МАЈКИТЕ ЗА ДЕЦАТА

МОЛИТВА НА МАЈКИТЕ ЗА ДЕЦАТА

,,Оваа прекрасна молитва од големиот Оптински старец св.Амвросиј, објавена во ,,Троичник”, топло им ја препорачуваме да ја практикуваат почесто сите денешни православни мајки”.
отец Дамаскин со братството

МОЛИТВА НА МАЈКИТЕ ЗА ДЕЦАТА

Боже, Создателу на сите твари, Кој ни додаваш милост на милост, Ти ме направи достојна да бидам мајка на својот пород!Твојата благодат ми даруваше деца и јас се осмелувам да кажам: тие се Твои деца! Зашто ти си им дарил битие, си ги оживотворил со бесмртна душа,си ги препородил со Крштението за живот во согласност со Твојата волја, си ги усинил и си ги примил во крилото на Својата Црква, Господи! Сочувај ги во благодатна состојба до крајот на животот, направи ги причесници на Тајната на Твојот завет, освети ги со Твојата вистина, да се свети во нив и преку нив Твоето свето Име!
Испрати ми ја Твојата благодатна помош во нивното воспитување, во слава на Твоето име и на корист на ближните! Подари ми за тоа умешност, трпение и сила! Научи ме да го всадам во нивните срца коренот на вистинската мудрост – стравот Твој!
Нека те засакаат со сета своја душа и со сета своја мисла, нека се прилепат кон Тебе со сето свое срце и сиот свој живот нека го љубат словото Твое!
Дарувај ми разум да ги убедам дека вистинскиот живот се состои во пазењето на Твоите заповеди, дека трудот соединет со побожноста ни дарува во овој живот безметежни блага, а во вечноста – неискажливо блаженство. Откриј им го разбирањето на Законот Твој, за до крајот на своите денови ја чувствуваат Твојата секадеприсутност. Всади во нивните срца страв и гадење кон секое беззаконие: нека бидат непорочни во своите патишта,секогаш нека помнат дека Ти, Себлаг Господи, си ревнител на законот и правдата Твоја! Сочувај ги во целомудрие и благочестивост кон името Твое! Да не ја срамотат Црквата Твоја со своето однесување, туку да живеат според Нејзините прописи. Воодушеви ги со желбата да го учат она што е корисно и направи ги способни за секое добро дело! Да задобијат вистинско разбирање на оние работи кои им се неопходни, да се просветат со знаења кои се корисни за човештвото!
Господи! Умудри ме да врежам со неизбришливи букви во умот и срцата на моите деца да се чуваат од друштвото на луѓе кои немаат страв Божји, да им всадам секогаш да се оттргнуваат од секаков сојуз со беззакониците, да не слушаат развратни разговори, да не ги слушаат лекомислените луѓе, да не ги одвратат од Твојот пат лошите примери, да не се соблазнат од тоа што патот на беззакониците понекогаш е успешен во овој свет.
Оче Небесен! Дарувај ми благодат со сите сили да се пазам од тоа да ги соблазнувам децата со своите постапки, туку секогаш внимавајќи на нивното однесување, да ги одвараќам од заблуди, да ги поправам нивните грешки, да ги зауздувам тврдоглавоста и роптањето, да ги здржувам од стремежот кон суета и лекомисленост, да не се занесуваат со безумни помисли, да не одат по своето срце, да не Те заборават Тебе и Твојот Закон! Да не им го погуби беззаконието умот и здравјето, да не им ги раслаби гревот душевните и телесните сили!
Судијо праведен, кој ги казнуваш децата за гревовите на родителите до тертото и четвртото колено, одврати ја таквата казна од моите деца, не ги казнувај за моите гревови, туку покропи ги со росата на Твојата благодат, да напредуваат во добродетелта и светоста, да израснуваат во Твојата блага волја и во љубовта на благочестивите луѓе, Оче на секоја благост и секое милосрдие!
По родителското чувство, јас би им посакувала на своите деца секакво изобилство на земните блага, би им посакувала благослов од небесната роса и од земните добра, но нека биде на нив Твојата света волја!
Устрој ја нивната судбина по Твоето благоволение, не лишувај ги во животот од лебот насушен, испрати им се` што им е потребно навреме, за да ја задобијат блажената вечност. Биди милостив кон нив кога грешат пред Тебе, не им ги земај гревовите, поради младоста нивна и незнаењето, приведи ги во скрушеност на срцата нивни кога ќе се противат на раководството на Твојата благост, укорувај ги и милувај ги, управувајќи ги на патот кој Тебе ти е угоден, но не ги отфрлај од Твоето лице!
Примај ги со благоволение нивните молитви, дарувај им успех во секое добро дело, не одвраќај го лицето Твое од нив во време на тага, за да не ги достигнат искушенија поголеми од што можат да поднесат. Осени ги со Твојата милост, испрати го ангелот Свој да оди со нив и да ги чува од секоја несреќа и лоши патишта.
Себлаг Боже! Направи ме радосна мајка поради своите деца, нека бидат тие радост во деновите на мојот живот и потпора во староста моја. Удостој ме, со надеж во Твоето милосрдие, да застанам со нив на Страшниот Суд Твој и со недостојна смелост да кажам : ,,Еве ме мене и децата мои, кои Ти си ми ги дал, Господи!”
И заедно со нив, прославувајќи ја неискажаната благост и вечната љубов Твоја, да го превознесувам пресветото име Твое, на Отецот и Синот и Светиот Дух во вечни векови. Амин.
(извор: Манастир Оптина пустина)