ВМРО-ДПМНЕ:Заев и неговите 80 очајници не добија мандат на избори да го бришат името Република Македонија

Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија мандат на избори да го менуваат Уставот, да го бришат името Република Македонија и да го менуваат идентитетот. Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија поддршка ниту на референдумот да ја бришат историјата, традицијата и културата на Република Македонија. СДСМ и Зоран Заев ги погазија  демократијата и правдата во  Република Македонија. Немајќи смелост да се соочи со волјата на граѓаните која беше јасно искажана на референдумот,  Заев посегна кон силување на институциите, државата и волјата на сопствениот народ, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат:

„Со ваквото насилничко носење на закони спротивно одлуката на народот и присилното собирање на гласови во законодавниот дом под закани за политички прогон, СДСМ и Зоран Заев го изгубија легитимитетот да зборуваат за демократски и европски вредности. Тоа што и се случи на Македонија е срам и преседан кој нема допирни точки со демократијата. Таков пример се нема случено во ниту една земја од западниот демократски свет. Јавноста конечно ја виде позадината на политичкиот прогон преку СЈО и обвинението за настаните од 27 април. Монтирани обвиненија против пратеници кои подоцна ги искористија како уцени за добивање на двотретинско со цел менување на уставното име на Република Македонија и спроведување на договорот од Преспа. СДСМ со нивните насилнички и недемократски методи побараа и  добија поддршка од истите пратеници за кои викаа дека се најголемо зло и им посакуваа се најлошо да им се случи.“

Од партиајат велат дека силувањето на демократијата во Македонија од страна на власта само повеќе ќе го поларизира општеството, а недемократското однесување на Заев ќе создава поголем гнев кај македонскиот народ кој јасно порача дека е против менување на името на државата, против менување на личните исправи и против менување на историјата, традицијата и културата.

-Со овој чин СДСМ и Заев ставија крај на своите кариери. Многу скоро ќе мора да се соочат со граѓаните, а тогаш оваа антинародна и недемократска власт ќе замине во историјата. Македонија и македонскиот народ многу пати во историјата се соочувале со тешки премрежија но секогаш излегувале како победници токму затоа што народот никогаш не се откажувал од својата земја. Демократијата и интегритетот на Македонија ќе и се вратат кога ќе си замине оваа ненародна власт и зло кое што и се случува на нашата држава. Македонија победувала и повторно ќе победи, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.