Иванов: Собранието постапи спротивно на волјата на народот

Во речиси сите одлучувачи моменти од нашата историја, народот носел мудра одлука, така беше и овој пат на референдумот одржан на 30 септември кога народот со негласање јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус, соопшти претседателот Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно волјата на народот – вели Иванов.

Тој додава дека е потребна храброст да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата: “храброст што им овозможи на македонските револуционери и борци да го остварат својот сон” – наведува претседателот во честитката за празникот.

Според професорот Игор Јанев, пак единствениот начин да се реши долгорочниот проблем, т.н. проблем со името на Република Македонија во Обединетите нации е во Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за продолжување на членството на државата, привремено означено како “Поранешна Југословенска Република Македонија” според нејзиното официјално уставно име Република Македонија.