Нетпрес: Мајката на Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ, доби вработување во Централен регистар

Фанија Костадинова, мајка на новиот портпарол на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Костадин Костадинов, пред неколку дена била вработена во Централниот регистар во Струмица, на позиција референт со завршено средно училиште, пишува Нетпрес.

За нејзиното вработување бил објавен оглас, а според огласот платата е околу 25. ооо денари.

Од Централниот регистар во Скопје за Нетпрес изјавиле дека постои ново вработено лице на определено работно време како референт согласно објавен оглас и според нив исполнети се сите законски основи кои што ги барал огласот, во случајот само средно образование и без работно искуство, за оваа позиција, но дека немаат информација за името и поврзаноста со новиот портпарол на СДСМ и пратеник во парламентот, Костадин Костадинов.

Вработувањата секако се одвиваат согласно систематизацијата и барањата во огласот што регуларно е објавен во два медиума, за платата не сме информирани, ниту пак за името на лицето кое е вработено. Дополнително треба да се запознаваме со дел од нашиот тим. Јас немам информација чија роднина е лицето, како што веќе реков не го знам ниту името – објасни Ирена Лазарова, раководител за маркетинг и односи со јавност во Централниот регистар за Нетпрес.